„За првпат имавме седум кандидати во македонската политичка историја по промена на системите и по осамостојувањето. Сме имале со шест, со пет, со три и тн. Минатиот пат бевме најмала можна бројка и електоратот се дели на поинаков начин кога имате таква дистрибуција на кандидати согласно нивните политички и идеолошки преференци. Сега имавме за првпат двајца албански кандидати кои претендираа на гласовите на етничките Албанци и имавме петмина други меѓу кои и бев и јас тврдам и тогаш и сега дека јас сум единствениот кој претендираше да добие гласови од сите етнички заедници бидејќи тоа го направив и во 2019 година, а и во 2014 во мојот прв обид кога не успеав, имав значајна бројка на албански гласови и гласови од другите етнички заедници“ рече претседателот Стево Пендаровски на третата претседателска дебата во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Тој додаде дека гласовите на кандидатите што не влегоа во вториот круг се околу 330.000 и според неговата проценка на профилите на гласачите на тие кандидати, поголемиот дел од нив го поддржуваат неговиот концепт.
„Мојата проценка на идеолошките и политичките профили на просечниот гласач на тие кандидати, врз основа на која тие го говореа и ги добија гласовите во првиот изборен круг, мене ми се чини дека поголемиот дел од нив ќе е поблизок до концептот кој јас го застапувам, не само сега туку години и години наназад, за тоа каква Македонија сакаме и каква Македонија треба да биде“, смета Пендаровски.
Во реплика на противкандидатката Силјановска, тој додаде дека во 2009 имало пет кандидати, немало седум.
„Во таа година човекот којшто претендираше да добие најголема бројка на албански гласови и доби импозантна бројка на албански гласови и тогаш електоратот, сакале ние или не сакале се дели и по етничка линија освен што се дели по политичка и идеолошка и по персонална линија. Во кого верува дека може да ги исполни неговите лични или семејни очекувања во однос на бизнисот, кариерата, во однос на државата. Независно од тоа ние можеме да се преправаме дека не гледаме дека електоратот во Македонија меѓу другото е поделен и по етничка линија. За жал, етничките поделби се најдлабоки години и години наназад“, заклучи Пендаровски.