Претседателот Стево Пендаровски смета дека бугарскиот премиер, Кирил Петков направил многу позитивни чекори, но не успеа да обезбеди единство во неговата Влада.
Пендаровски денеска во гостување на Канал 5 тв рече дека тоа што ги намалува шансите за добивање датум е што Петков по фронталните напади од коалициските партнери во Владата и од надвор, требало да ја засили својата политика референца и да покаже дека не ги продава бугарските национални интереси.
Македонскиот претседател се осврна и на посетата на бугарската делегација во Битола на промоцијата на клубот „Иван Михајлов“.
„Не верувам дека немал удел во формирањето на делегацијата. И тука лошо е што во неа имаше некои од поранешните владини претставници чии негаторски ставови се познати“ – рече Пендаровски.
Смета дека Петков се обидел да ги убеди националистите внатре во владата дека сега треба да се даде „зелено светло“ за почеток на преговорите.
Пендаровски смета и дека вметнувањето на Бугарите во Уставот не е спорно, но спорно е барањето тоа да биде пред почеток на преговорите.
„Да се стават Бугарите во Устав пред почеток на преговорите сметам дека е уцена. Пред да почнеме да преговараме, ти мене ме уценуваш ако ми велиш дај ми гаранција дека ти ќе го промениш Уставот до тој и тој датум. На ист начин ти ќе кажеш, ако ти го промениш Уставот до тој и тој датум, тогаш јас се обврзувам дека нема да барам ништо плус од ова во однос на ова прашање. Тоа се двојни гаранции. Ние мора да имаме гаранција од Бугарија, или подобро од Брисел дека ова ќе биде последно барање на Бугарија, не во однос на владеење на правото или борбата против корупцијата, туку во однос на она што е надвор од копенхашките критериуми. За такво нешто немаме сигнали од Софија“ – рече Пендаровски.