Пендаровски со најмала плата во однос на колегите од регионот

Веста дека првите луѓе во државата ќе можат да имаат зголемување на платите и до 78 проценти ја вжешти јавноста. Народот на социјалните мрежи масовно негодува, а Сојузот на синдикати пресмета дека со новото зголемување на платите на функционерите, тие со една плата ќе можат да купат три синдикални кошници, а за една синдикална кошница, пак, не се доволни две минимални плати.

Од Владата смируваат дека вакво зголемување на платите нема да има, иако ќе се почитува Одлуката на Уставниот суд, според која важат нови параметри во пресметката.

Порталот „Пари.мк“, од јавно достапните информации објавени во медиумите од регионот, се обиде да направи слика какви се платите на претседателите, премиерите и министрите во околните земји. Секако, тие мора да имаат плати во корелација со платите на работниците, односно со платите на останатите граѓани во својата земја. За жал, македонските граѓани се на дното по стандардот… Но, еве, колку за илустрација, до какви податоци дојдовме за платите на функционерите во регионот.

Сегашната плата на претседателот Стево Пендаровски е 93.000 денари (1.512 евра), а со новото покачување, што треба да следи со укинување на една одредба од Уставниот суд, платата на Пендаровски треба да биде во нето-износ 163.000 денари (2.650 евра).

Зголемување на плата од оваа година има и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со тоа зголемување таа изнесува 199.126 динари, или 1.700 евра.

Највисока плата во овој дел од Европа има претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, чии примања се 3.322 евра месечно. Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, за функцијата што ја извршува е платен 3.000 евра.

Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, на своите позиции заработуваат по 2.922 евра месечно.

Во однос на платата, веднаш зад нив е досегашниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, чија плата од 2.420 евра треба да ја наследи и новиот победник на изборите, Јаков Милатовиќ.

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со минатиот труд, сега зема нето-плата од 88.260 денари (1.400 евра). Актуелните плати на нашите министри (зависно од стажот) се од 65.989 денари на министерот за животна средина, Насер Нуредини, до 86.324 денари на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во која е вклучен додаток за извршување на функцијата.

Според пресметката на Синдикатот на управа, правосудни органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), со оваа одлука на Уставниот суд, платите на Ковачевски и на претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе се зголемат на околу 2.500 евра, додека, пак, платата на министрите, која сега изнесува околу 65.000 денари, ќе скокне за дополнителни 50 илјади денари па ќе им стигне до 1.800 евра. Зголемување ќе добијат и пратениците, кои на сегашната плата од околу 60.000 денари ќе добијат плус 700 евра месечно и нето-платата ќе им биде повисока од 1.700 евра. Близу 80 отсто повисока плата ќе добијат и сите заменици-министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.

Што се однесува до платите на министри и премиери во регионот, еве некои податоци кои ги објавиле тамошните медиуми.

Во Србија, премерката Ана Брнабиќ зема плата нешто повеќе од 145.000 динари (1.200 евра), додека министрите земаат плата од 1.000 евра до 1.900 евра.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ зема месечна нето-плата од 2.850 евра, а министрите земаат околу 2.350 евра.

За Црна Гора, пребарувањето јавно ни ја прикажа платата на министерот за финансии и таа е во нето-износ од 1.800 евра, а за другите министри и за премиерот не најдовме податоци.

Во Босна и Херцеговина, пак, деновиве е актуелна темата за усвоено зголемување на платите на сите вработени во државните институции, но и на функционерите. Но, дел од тамошните министри се одрекоа од зголемувањето на платите. Сепак, во бројните текстови во кои се пишуваше за овие новости, не се наведени платите на министрите.