На 58. Минхенска безбедносна конференција, македонскиот претседател Стево Пендаровски имаше средба со претседателот на Словенија, Борут Пахор, на која беа реафирмирани одличните билатерални односи, без отворени прашања, базирани на традиционално пријателство, силно стратешко партнерство и долгогодишна конструктивна соработка и поддршка.
Претседателите се осврнаа на можностите за надминување на предизвиците за почеток на пристапните преговори со ЕУ, истакнувајќи го фактот дека успешноста на политиката на проширување ќе зависи од македонскиот случај.
Пендаровски се заблагодари на принципиелната и континуирана поддршка за европската иднина на Северна Македонија, особено гласна за време на неодамнешното словенечко претседавање со Советот на Унијата.
Според Пендаровски, отворањето на пристапните преговори за членство на Република Северна Македонија со Европската Унија позитивно ќе придонесе за просперитетот и стабилноста на целиот регион, а ќе даде дополнителен импулс на севкупниот реформски процес во државата.