Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаху:
„На сите верници од исламска вероисповед во Република Северна Македонија, ви упатувам срдечни честитки по повод големиот муслимански празник – Рамазан бајрам.
Најискрено, ви посакувам празничните денови да ги поминете во кругот на најблиските, во одлично здравје и во добро расположение.
Светиот месец Рамазан е месец на пост, дарување, простување, месец на зајакнување на вербата, разбирањето и почитувањето на другите. Со заедничко празнување на овој како и на останатите верски празници јасно упатуваме порака дека меѓуверската и меѓуетничката толеранција, взаемното разбирање и почитта, се столбовите на македонското општество.
Само сплотени можеме да ги надминеме здравствените, економските и енергетските кризи како и сите евентуални безбедносни закани. Токму празничните денови се потсетник дека обединети, солидарни и со чиста мисла и со чисто срце, можеме да изградиме просперитетно општество и подобар, поспокоен и подостоинствен живот за сите граѓани.
Честит Рамазан бајрам“ се вели во честитката на Пендаровски.