„Пламените јазици на војната да ги замениме со јазикот на дипломатијата, на уметноста, на љубовта“. Ова е пораката на претседателот на државата Стево Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Франкофонијата – 20. Март.
„Денес, кога пламените јазици на војната се закануваат да го изменат светот кој го познаваме, уште повеќе треба да ги афирмираме вредностите во кои веруваме и кои ни даваат поттик да продолжиме понатаму, наспроти сите предизвици. Вредностите на демократијата, човековите права, толеранцијата и меѓусебното разбирање“ – вели Пендаровски.
Пендаровски посочува дека Франкофонијата ни служи како инспирација и поттик за негување на јазикот, традицијата, историјата.
„Вредносна платформа за афирмирање и на македонскиот идентитет, јазик и историја, и негување на она што треба да е срцевина на секое општество: толеранција, солидарност, мултикултурност. Македонското општество ги живее тие вредности. Денот на Франкофонијата, нека биде инспирација да се практикуваат овие вредности, помеѓу останатото, и преку учењето на францускиот јазик. Пламените јазици на војната да ги замениме со јазикот на дипломатијата, на уметноста, на љубовта“ вели Пендаровски.