Пендаровски, Петровска и Османи учесници на Самитот на НАТО во Мадрид

Претседателот Стево Пендаровски денеска и утре ќе ја предводи државната делегација од земјава на Самитот на НАТО во Мадрид. Заедно со него на самитот ќе учествуваат и министерката за одбрана Славјанка Петровска и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Пендаровски, заедно со сопругата Елизабета Ѓоргиевска, вчера присуствуваа на свечената вечера, која во чест на лидерите на земјите членки на НАТО, учесници на Самитот, ја приредија шпанскиот крал Фелипе Шести и неговата сопруга, кралицата Летиција.

Во рамки на учеството на Самитот на НАТО, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари повеќе билатерални средби.

„На Самитот на НАТО во Мадрид ќе бидат адресирани ургентните безбедносни предизвици на денешницата и иднината. Лидерските состаноци на Северноатлантскиот совет е предвидено да бидат фокусирани на усвојување на новиот Стратегиски концепт, унапредување на одбранбените капацитети, споделување на товарот и снабдување со ресурси, поддршка за Украина и останати партнерства“ – соопштуваат од Кабинетот на Претседателот.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, пак, за време на Самитот, заедно со министрите за одбрана на Португалија и Бугарија, Хелена Кареирас и Драгомир Заков и претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, ќе учествуваат на панел-дискусија организиран од НАТО Одделот за јавна дипломатија – НАТО Јавен Форум, на тема „Придонесот на НАТО за безбедноста и стабилноста во неговото соседството“.

„На претстојниот Самит на НАТО главна тема ќе биде усвојувањето на новиот Стратешки концепт на НАТО, кој ќе биде патоказ во наредните десетина години, базирајќи се на новата безбедносна реалност, а со цел прилагодување на промените во светот за зачувување на безбедноста на своите над една милијарда граѓани. На самитот ќе се дискутира и за зајакнување на капацитетите за одвраќањето и одбраната, за апликациите на Шведска и Финска, за идната поддршка на Украина, за безбедносни прашања на денешницата и за останати важни прашања со кои се соочува Алијансата“ – соопштуваат од Министерството за одбрана.