Пендаровски: Одбележувањето на Гоце Делчев со соседите е чин на добра волја – Петков со реторика како Нелсон Мандела

„Не гледам проблем во тоа некој од нашите соседи да искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност, без оглед дали постои или не формална одлука за заедничко одбележување на личноста и делото на Гоце Делчев. Во услови кога комисијата се уште нема дојдено до заедничка формулација на ова е чин на добра волја од двете страни кој ќе помогне за намалување на тензиите кои уследија по бугарското вето“. Ова денеска го изјави Претседателот Стево Пендаровски во црквата „Свети спас“ во Скопје.

„Не знам дали во формална смисла постои одлука за заедничко чествување бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на Историската комисија. Меѓутоа, не гледам проблем и да не е така. Ние и пред да постои, тоа ви е вам добро познато, Историската комисија, сме имале заеднички чествувања на одредени настани, на одредени ликови. И без да има одлука на Историската комисија сме правеле и во Република Бугарија и во Северна Македонија заедничко чествување на различни паметници. Така што не гледам проблем. Не гледам проблем во тоа да некој од нашите соседи искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност. Не, не гледам проблем во тоа“ – рече Пендаровски.

За изјавата на Петков дека постојат сили кои не сакаат развој на добососедски односи меѓу двете држави дадена како коментар за посетата на делегација на здруженија на Македонци од Бугарија – Пендаровски вели:

„Во однос на изјавата на Петков јас мислам дека тој не оди на личност, не оди навредливо. Не оди со реторика која, ако паметите колку до вчера беше стандардна дневна рутина посебно за некои министри од претходната бугарска влада. Да ви кажам најискрено од она што го слушам од Петков последниве недели од кога е премиер е како да зборувам Мандела, ако го споредите со тоа што зборуваа неколкумина министри од претходната влада на Борисов во која имавме дневна количина на навреди и кон нас и како народ и нација. Не мислам дека ја влошува состојбата. Мислам дека се држи до тоа што му е надлежност и се разбира имаат и тие внатрешен политички контекст како и ние што имаме и треба да гледате и дека има таква внатрешна една конотација секоја негова изјава. Инаку, стриктно говорејќи во договорна смисла владите преговараат меѓународни договори, владите потпишуваат, владите имплементираат. Претседателите се тука да помогнат во создавање на амбиент за да се дојде до договор. Сега, ако работиме лошо можеме и да одмогнеме. Јас се надевам дека помагаме“ – оценува Пендаровски.

Одлуката Бугарите да се вметнат во македонскиот Устав, нагласи тој, ќе биде автономна самостојна одлука на македонските институции.