Промените на Уставот се очекува да поминат низ процедури во Владата во рок од две недели откако работната група во Министерството за правда ќе ги подготви конкретните предлози и ќе ги достави, рече претседателот Стево Пендаровски на брифингот по Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Подгорица.
Пендаровски смета дека има „некои позитивни чекори“ од лидерската средба меѓу премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, но се уште нема решение за проблемот затоа што ВМРО-ДПМНЕ не сака да гласа за уставните измени.
„Во оваа фаза се водат политички разговори на различни нивоа. Се надевам дека имаме рок до ноември, кога завршува процесот на скрининг, да ја исполниме оваа обврска. Не би сакал ни да помислам дека можеме самите да се блокираме кога веќе минатата година ја усвоивме европската преговарачка рамка. Најлогично е да се заврши овој процес и да се премине во следната фаза. Втората меѓувладина конференција за членство во ЕУ“, рече Пендаровски во одговор на прашање на „БНТ“ кога ќе се отвори Уставот на земјава за да се вклучат Бугарите во него.