„Отворањето на клубот `Ванчо Михајлов` е спорно поради две основни причини – името на клубот и структурата на бугарската делегацијата која дојде во Битола“.
Ова го изјави претседателот Стево Пендаровски синоќа на тв Алсат.
„Според мое видување, спорни се два момента. Прво, името и пред сѐ името, морам да кажам дека тука кабаетот е на нашите институции што воопшто регистрирале институција од областа на културата со такво име. Втората маана, според мене, е структурата на делегацијата која дојде од Бугарија…ако во екипата е еден Каракачанов, или една Захариева, кои се архитектите на овој спор, на оваа блокада од Бугарија…, мислам дека добрата намера на Петков, со самиот состав на делегацијата и влегувањето во објект кој носи име на докажан фашистички колаборатор, е прилично поткопана или минимизирана“ – вели Пендаровски.
За барањата за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, тој рече дека за тоа прашање може да се разговара, но нема гаранции дека некоја наредна влада во Софија ќе нема други барања кон нас.
„Никој не може да гарантира колку време актуелната политичка гарнитура во Бугарија ќе се одржи на власт и какви следни барања од нас би можела да има некоја наредна. Малкумина се оние кои ќе ви потврдат дека владата на Петков може да издржи 7-8 години, до нашиот формален влез во ЕУ. Од кого да бараме такви гаранции. Политика е ова. Следната влада ќе рече – ова што потпишала претходната влада, биле предавници на нашата кауза, не нѐ интересира. И? Не можеме да го отвораме Уставот по потреба, секој понеделник“ – вели Пендаровски.