Во четвртокот Собранието ја констатирше оставката на премиерот Зоран Заев, па со тоа започна да тече рокот од десет дена во кој претседателот Стево Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова Влада. Шефот на државата во телевизиско интервју изјави дека очекува мандатот на мандатарот да му го додели во вторник или во среда.
„Ми треба уште еден допис, кому да дадам мандат. Не можам да нагаѓам, морам да добијам допис од партија или партии кои треба да кажат ние имаме мнозинство и тој и тој е мандатар. Јас не можам да го дадам мандатот на СДСМ, морам да знам кому го давам како личност, конкретно на некој човек, рече Пендаровски.
За мандатар се очекува да биде предложен новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. Според најавите, денеска ќе заседава Централниот одбор на СДСМ на кој Ковачевски и официјално би требало да биде потврден како кандидат за нов премиер.
На седницата на ЦО ќе се гласа и за избор на нови потпретседатели, генерален секретар и Извршен одбор на СДСМ, но не и за министерските функции во новиот владин кабинет.
Претседателот на државата Пендаровски смета дека Ковачевски е непознаница во политиката затоа што не бил на позиција претходно, но смета дека треба да му се даде шанса.
„Треба да му се даде шанса. Факт е дека има богато академско искуство, има години и години партиски стаж во СДСМ, таму го познаваат. Мислам дека има конекции со разноразни групации кои постојат. Мислам дека има добра стартна основа, рече Пендаровски.
Откако мандатарот ќе го добие мандатот за формирање нова Влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада.
За да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.