
„Нема да има никакви условувања, од тој аспект работата е исчистена и чиста и сега останува само да се договорат деталите за примопредавање, така да кажам, кои се од технички карактер. Значи, таа екстрадиција може да се случи многу скоро“, изјави претседателот на државата во вечерашното интервју за „Тема на денот“ на ТВ Сител.
Екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо, кој е првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, е можно да се случи многу скоро, изјави претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Како што рече тој во вечерашното интервју за „Тема на денот“ на ТВ Сител, доцна попладнево добиле информација дека неговата екстрадиција не е спорна од разузнавачки и безбедносен аспект.
Останува уште само, наведе претседателот, да се договорат деталите за примопредавање, кои се од технички аспект.
На прашање на неговиот домаќин, Пендаровски рече дека нема да има никакви условувања во однос на екстрадицијата на Палевски.
„Практично сега остануваат само техничките детали од она што се нарекува меѓународна правна помош, што се случува како процес меѓу двете министерства за правда (на Турција и на Северна Македонија н.з.). Значи, ако смеам да предвидувам, бидејќи ова не е спорно, имаше прашања, што со некакви припадници на Фето… Нема да има никакви условувања, дека од тој аспект е работата исчистена и чиста и дека сега останува само да се договорат деталите за примопредавање, така да кажам, кои се од технички карактер. Значи, таа екстрадиција може да се случи многу скоро“, рече претседателот во интервјуто.
Инаку, првоосомничниот за убиството на Ѓорчевска и Жежовски по бегството од земјава, се наоѓа во Турција, каде што беше лоциран и уапсен по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол. Тој се наоѓа во затвор во Турција и во тек е постапката за негова екстрадиција.