„Христијан Мицкоски е последниот политичар во Македонија кој би требало да зборува за личниот рејтинг, се вели во реакцијата од претседателот Стево Пендаровски во врска со изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за рејтингот на претседателот.
– Имено и после цели пет години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ има двојно помал рејтинг од нивниот поранешен претседател Никола Груевски. Во македонската политичка историја, претседателите на најголемите политички партии секогаш имале двојно повисок личен рејтинг од партиите кои ги воделе. Ова беше случај и со Бранко Црвенковски и со Зоран Заев кај СДСМ, и со Љубчо Георгиевски и Никола Груевски кај ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски е единствениот исклучок затоа што има 50% понизок рејтинг од партијата која ја предводи. Впрочем, најпрецизен индикатор за личниот рејтинг на Мицкоски е последната анкета на фондацијата ИРИ, на која претседателот Пендаровски има најголема доверба, а Мицкоски не се наоѓа ниту меѓу првите петмината на листата“ – се вели во соопштението од Пендаровски.
Претходно, Мицкоски во утринска радио емисија рече „Мислам дека кога станува збор за Стево Пендаровски сите партии теоретски да се опкружат околу него, да се обединат и да го подржат, прашање е дали ќе го гласаат повеќе од 100.000, сите партии. Мислам дека во зградата каде што живее, ако се пријави за претседател на куќен совет, тешко да добие повеќе од два гласа“.