Пендаровски–Мета: Преку посветеност на добрососедски односи, до силен придонес за просперитет, стабилност и безбедност на регионот

Македонскиот Претседател, Стево Пендаровски денеска го прими претседателот на Албанија – Илир Мета и разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави.

„Притоа беше изразено задоволство од нивниот позитивен развој, преку конструктивна соработка и размена на посети на највисоко ниво. Република Северна Македонија и Република Албанија, беше констатирано на средбата, преку посветеноста на добрососедските односи, даваат силен придонес за просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот, како и за неговата европска перспектива. Двете држави, како сојузници во НАТО, даваат свој придонес и во одбраната на вредностите на евроатлантската заедница“ – соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Двајцата претседатели, како што се наведува во соопштението, ја констатираа потребата од деблокирање на процесот и скорешен почеток на пристапните преговори на двете држави за членство во Унијата што, според нив, ќе има позитивен придонес за севкупниот напредок и стабилноста на регионот.