Претседателот Стево Пендаровски за време на денешната средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен потенцираше дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на Европската Унија.
Пендаровски го реафирмираше ставот дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи деблокада на евроинтеграциите и отворање на првата фаза од пристапните преговори, што ќе претставува позитивен импулс за реформскиот процес и напредок на Северна Македонија.
Претседателката на Европската Комисија дискутирајќи ги актуелните политички состојби во земјава и процесите поврзани со европските интеграции потврди дека со првата меѓувладина конференција којашто треба да се одржи набрзо, доколку биде прифатен предлогот за преговарачката рамка, започнуваат конкретните преговори и веднаш започнува скрининг процесот.
Исто така, со започнувањето на пристапните преговори со ЕУ, најбрзо што е можно ќе се пристапи кон потпишување на билатерални договори меѓу Северна Македонија и Европската Унија, на македонски јазик и на останатите службени јазици на Унијата.