Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски информираат дека е одбиено барањето за помилување на Катица Јанева, поранешен специјален обвинител.
„Со оглед на интересот на медиумите, ве информираме дека претседателот Стево Пендаровски го одби барањето за помилување на Катица Јанева, поранешен специјален обвинител.
Исто така и Комисијата за помилување, којашто е помошно работно тело во Кабинетот на претседателот даде негативно мислење по барањето за помилување на Катица Јанева“, велат од таму.
Шефицата на поранешното Специјално јавно обвинителство, Катица Јанева, екс претседателот на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски и бизнисменот Сеад Кочан остануваат во затвор, откако претседателот Стево Пендаровски ги одби нивните барања за помилување.
Решенијата се очекува да бидат потпишани деновиве, со што засега паѓаат во вода обидите на тројцата осуденици да ги скратат затворските казни.
Јанева е осудена на седумгодишна затворска казна поради злоупотреба на службената положба и овластување како специјална јавна обвинителка во аферата „Рекет“.
Како што беше објавено неодамна во медиумите, таа работи како библиотекарка во затворот „Идризово“ и ги користи другите поволности кои што и ги овозможува затворскиот систем.
Пресудата за случајот „Рекет“ беше изречена на 18 јуни 2020 година. Јанева беше спроведена во затворот Идризово на 23 јули 2021 година.