Пендаровски за 24 Мај: Благодарение на нивното дело, и ние Македонците имаме благослов на мајчин јазик да ја развиваме својата култура, уметност, образование

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.

Нека ни е честит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј. Најискрено ви посакувам големиот празник да го поминете пред сè во добро здравје, исполнети со љубов, среќа и радост.

Поставувајќи ги темелите на писменоста и духовноста кај словенските народи, Свети Кирил и Методиј извршија подвиг кој им обезбеди статус на светци во црквата, но и неизбришливо место во светската историја поради што со право се прогласени и за заштитници на Европа. Благодарение на нивното дело и ние Македонците, како дел од словенското семејство народи имаме можност и благослов на мајчин јазик да ја развиваме својата култура, уметност, образование, наука.

И единаесет векови по нивното упокојување, универзалното дело на солунските браќа ги надминува верските, националните и идеолошките рамки и е пример за хуманизам, алтруизам и правдољубивост.

Нека ни е честит 24 Мај, Денот на Свети Кирил и Методиј“ се вели во честитката на Пендаровски.