Пендаровски: Запрепастувачки е ако 60% македонски граѓани сметаат дека светските сили го создале Ковид-19

„Борбата против дезинформациите е истовремено борба за заштита на фундаменталните слободи на говор, на мисла, на совест и на уверување. Наместо едноумие, треба да градиме демократски амбиент во кој преку различни мислења и погледи, не преку пропаганда, ќе доаѓаме до вистината, а вистината е базична претпоставка за да има доверба меѓу луѓето и доверба на граѓаните во институциите. Без тоа, нема прогрес“.

Ова денеска на конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“, во организација на Фондацијата Метаморфозис го порача Претседателот Стево Пендаровски.

Тој смета дека дезинформациите ги поткопуваат демократските вредности, а кампањите за дезинформирање ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси и ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите.

„Дезинформациите можат да придонесат за дестабилизирање на државата. Најдобра заштита од кампањата за дезинформации е постоењето општествена, системска, медиумска, но пред се лична отпорност кон дезинформациите. Неопходен ни е и заеднички пристап на национално ниво со консензус на клучните политички чинители за справување. Мора да градиме култура на критичко мислење. Треба да ги поддржиме иницијативите за медиумска писменост, не само на младите, бидејќи и возрасните се подложни на дезинформации“ – посочи Пендаровски.

Според шефот на државата, бројките од истражувањето на Метаморфозис запрепастуваат – над 60 проценти од македонските граѓани веруваат дека светските сили го создале Ковид-19 заради економска и политичка корист. Половина од граѓаните веруваат дека светските елити го создале вирусот за да го намалат бројот на луѓето на планетата. Над 45 проценти не веруваат во постоењето на вирусот.

„Поради овие дезинформации многу наши граѓани платија со своето здравје, а 9.300 и со своите животи“ –  рече Пендаровски.