Пендаровски денеска одржува изборна конвенција

Претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски денеска ќе одржи Конвенција, на која ќе ја претстави изборната програма.

На 4 април почнува изборната кампања за седмите претседателски избори на кои во првиот круг на 24 април ќе се гласа за седум кандидати.

Парламентарните избори се на 8 мај, кога ќе се гласа и за втор круг од претседателските избори.

Според минатонеделното жребување во Државната изборна комисија во присуство на претставници на подносителите на кандидатурите, Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ и коалицијата ќе биде прв на листата, втора е Гордана Силјановска Давкова кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, трет е Стевчо Јакимовски од ГРОМ, четврт е Бујар Османи од ДУИ, петта е Билјана Ванковска Цветковска од Левица, шести е Арбен Таравари од Европскиот сојуз за промени и седми е Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.

– Во изминативе пет години, заедно градиме демократско и граѓанско општество. Така, обединети, и ќе продолжиме. Почнувајќи од утревечер, пред граѓаните ќе ја презентирам програмата за следните пет години. Продолжуваме да градиме општество кое ќе се темели на европски вредности – објави вчера Пендаровски на Фејсбук.

Откако на Конгресот на СДСМ на почетокот на март доби поддршка за нов претседателски мандат изјави дека широкиот фронт на поддршка не е само чест, туку и обврска за посветена, чесна и храбра кампања и извојување на нова победа.

Пендаровски, како што најави неговиот изборен штаб, планира во текот на кампањата големо присуство на терен и освен поголемите митинзи во градовите, предвидени се многубројни средби со граѓани.

За време на кампањата планирано е Пендаровски да посети најмалку 60 населени места.

Тој на неговите противкандидати им предложи две мастер дебати на почетокот и на крајот на кампањата, на кои тие ќе може да ги изнесат своите ставови, со кои ќе ја бараат поддршката на граѓаните.