Пендаровски: Да отвориме нови перспективи во економската соработка со Австрија

Меѓу Северна Македонија и Австрија нема отворени прашања, туку само отворени можности. Се надевам дека овој форум ќе биде потврда на досегашната квалитетна соработка, но и почеток на нова фаза на соработката помеѓу компаниите од двете земји, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешното обраќање на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Северна Македонија и Австрија“.

Потсетувајќи дека наредната година се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, во пресрет на тој значаен јубилеј претседателот Пендаровски повика да се искористи стекнатата доверба и да се продлабочи заедничката соработка.

– За Австрија да продолжи да биде број еден инвеститор во Северна Македонија, не само во наредните неколку години туку и во наредните децении, нужно е да отвориме нови перспективи во економската соработка, рече Пендаровски.

Австрискиот претседател, Александер Ван дер Белен, пак рече дека неговата посета  донесе многу претставници од бизнис заедницата во држава, но и генерално во регионот и оти сето тоа дава јасна порака.

– Пораката е дека австриските бизниси остануваат и сакаат да продолжат со проширувањето во сите други видови на предизвици. Постои голем интерес и голема волја за воспоставување на нови врски тука во Северна Македонија, подвлече Ван дер Белен.

Тој ги спомена и руската агресија во Украина, глобалната енергетска и економска криза, климатската состојба, со коишто денешниот ден го оцени како меѓу најкризните периоди во човековата историја, и рече дека сите овие случувања ја потврдиле меѓусебната зависност на државите.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи спомна неколку стратешки поенти околу причините зошто земјава е атрактивна за бизниси.

– Северна Македонија е посветена на зелениот договор. Имаме многу сонце, имаме ветер. Ќе работиме на стратегии за складирање и балансирање на енергијата, а изгледите покажуваат дека достапноста на обновливата енергија брзо ќе расте, истакна Битиќи кој додаде дека со посветеноста кон ЕУ и определбата за НАТО, земјава нуди поголема стабилност од конкурентите.

Посочи дека новите закони во текот на сите овие години се работени во согласност со барањата на ЕУ, што исто така е гаранција во поглед на идните обврски за длабинска анализа на европскиот синџир на снабдување.