
Претседателот Стево Пендаровски, во интервју на телевизија Сител, говорејќи за процесот на промена на личните документи поради промената на уставното име на државата, предложи пролонгирање на рокот за нивно вадење.
„Прво, тоа е срамно понижување на македонските граѓани. И непотребно. Второ, ова го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада – со брза интервенција во два закони – закон за лична карта и закон за патни исправи, и ако е потребно и законот за безбедност во патниот сообраќај, тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закони, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“, рече претседателот Пендаровски.
Зборувајќи за последните случувања во М-НАВ, Пендаровски потенцираше дека незадоволството на контролорите на летање трае подолго време и потсети дека нивниот синдикат реагираше и пред година – две, кога имаше обиди на данскиот конкурс да се примат неквалификувани кадри.
„Се работи за дел од критичната инфраструктура. На неа се гледа со посебно внимание. Постои посебен закон за таа критична инфраструктура. Ние сме членка на НАТО и не смееше да се дозволи таков скандал. Во просториите на тој дел од критичната инфраструктура, да се пресметуваат физички луѓето како да е кафеана. Мислам дека од тука треба да тргнеме и извршните органи, пред сѐ Владата да влезе во процес на расчистување. Едно е обвинителство, друго е дисциплинска постапка, трето е кадровска политика. Мислам дека таа институција е зрела за генерален ремонт“ – рече Пендаровски.
Во оваа насока, како што истакна претседателот Пендаровски, кога се случи инцидентот, покрај од амбасадите добил реакции и од високи претставници на НАТО, чии прашања биле во насока на тоа дали е безбедно македонското небо и за авионите на НАТО.