Пендаровски: Ги критикував сите и тие кои ме избраа, бидејќи не барав мандат за да крадам од народот, туку да му помогнам да живее подобро

„Македонската јавност е сведок дека како претседател пет години во континуитет јавно ги осудувам грешките на сите кои ги кршат законите, вклучувајќи ги и оние кои ме поддржуваа. Многу од нив ми се лутат велејќи ние го избравме, а тој не критикува. Јас не барав мандат за да крадам од народот, туку да помогнам да живее подобро“ рече претседателот Стево Пендаровски на конвецијата за промоција на кандидатурата за втор мандат.

Тој додаде дека сега бара доверба за втор мандат, бидејќи може да ги погледне граѓаните во очи и да каже дека изминатите пет години зад неговото име нема ниту една афера, корупција, провизии или местени тендери.

„Ако ја добијам вашата доверба и во следните пет години ќе продолжам да работам за плата, а не за проценти, ќе продолжам да ги третирам сите луѓе еднакво, независно на кој народ припаѓаат или за која партија гласаат“ рече Пендаровски.

Претседателот додаде дека ќе продолжи да им помага на понижените за да добијат човечки третман и правда во заедницата каде што живеат, но и да го критикува криминалот и корупцијата на било кој во државата, вклучувајќи ги и тие кои гласале за него.