Пендаровски ги добил законите за „Бехтел и Енка“, деновиве ќе ги разгледува

Владејачките партии го поздравија вчерашното усвојување во Собранието на петте законски измени кои произлегоа од договорот со „Бехтел-Енка“ за изградба на коридорите, додека опозицијата негодува.

Претставници на ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека изгласаните закони се штетни за граѓаните и дека една власт која себе си се прокламира за социјалдемократска не требало да овозможи зголемување на работните часови од 40 на 60 во текот на работната недела.

Од СДСМ соопштија дека сега веќе е отворен патот за побрза и поевтина изградба на коридорите, а од ДУИ дека мнозинството пратеници ставило крај на тенденциозната блокада на опозицијата.

Сега законите се веќе испратени до претседателот Стево Пендаровски, кој неодамна истакна дека Уставниот суд претходно веќе донел одлука, изјаснувајќи се против 60 работни часа во неделата.

Дали претседателот ќе го потпише указот за петте закони, меѓу кои и за Законот за работни односи, ќе се знае во наредните денови.

„Вчера попладне во кабинетот на Претседателот се пристигнати законите. Во следните денови ќе бидат разгледани од Претседателот и ќе биде донесена одлука за тоа дали и кои укази ќе бидат потпишани. Бидејќи се повеќе закони, ќе треба неколку дена Претседателот да ги разгледа со својот тим“, информираа од Кабинетот на претседателот.

Одговорајќи на новинарско прашање, премиерот Димитар Ковачевски рече дека нема да ги прејудицира одлуките на претседателот на државата.

„Претседателот на државата е правник, кој има искусни правници коишто работат во неговиот кабинет, и врз основа на нивната анализа ќе го каже финалниот збор во одност на законит за Бехтел и Енка“ – порача Ковачевски.

Петте закони за изградба на автопатите по три недели расправа и низа обвинувања од опозициските партии за злоупотреби на процедурите беа изгласани со 62 гласа ЗА, а иако дел од владејачката коалиција, поддрпшка не дадоа пратениците Морачанин и Балковски, како и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Процедурата во која беа поднесени законите со европско знаменце беше критикувана и од делегацијата на ЕУ во земјава.

Следната фаза пред официјално да се објават законите во службен весник е потписот од Претседателот Пендаровски кој најави дека ќе донесе одкука откако ќе ги види конечните верзии.