Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа беше меѓу граѓаните на општина Центар од кои побара поддршка на изборите во првиот и во вториот круг за државата да продолжи по вистинскиот пат.
Одговарајќи на прашање од публиката, Пендаровски истакна дека се согласува со неговата противканидатката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова дека таа можела да направи сѐ што тој не направил.
„Може ќе ве изненади одговорот, јас се согласувам со неа. Јас никогаш не сум го кочел патот на Македонија кон Европа, таа ќе го кочи. Јас никогаш не сум ги нарушил меѓуетничките односи и мирот во државата, таа ќе го направи тоа. Јас никогаш не сум ветил дека ќе амнестирам насилници од 27 април, таа ќе го направи тоа” порача Пендаровски.
Осврнувајќи се на анкетите, Пендаровски пред присутните порача дека тој ги знае сите анкети и оние лажните и реални и дека според сѐ, тој ќе биде победникот на 8 мај.
„Јас ги знам сите анкети. И знам кои се лажни, тоа се најчесто оние што ги продуцира најголемата опозициона партија и ги знам оние кои се реални. И најреално ви кажувам дека ние сме победници на 8 мај” истакна Пендаровски
Кандидатот за претседател додаде и дека тој бил првиот кој понудил дебата со сите седум учесници, но што се однесува до дебата на јавниот сервис, Пендаровски изрази резерва поради неодмнешната афера со истражувањата на јавното мислење.
„За дебатата на МРТВ веќе имам резерва. Значи, ако е точна оваа афера што излезе пред неколку дена дека има наводно документи кои докажуваат дека од штабот на најголемата опозициона партија организирале Центар за продукција на лажни вести и политичка пропаганда контра нас и дека главен, надлежен за таа пропаганда и лажни вести е актуелниот директор на МРТВ јас мислам да почекаат додека надлежните органи не ја расчистат таа афера. Можеби не е точна таа афера, можеби се тие фалсификат, ама прво нека ја расчиститат по потоа нека викаат на дебати” посочи Пендаровски повикувајќи ги присутните на 24 април да го дадат својот глас за бројот еден.