Претседателот Стево Пендаровски, денеска се обрати на централната свеченост, што по повод 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија и јубилејот „30 години Армија“, се одржа во касарната „Илинден“ во Скопје.
„Како што во Втората светска војна, војската ја создаде државата, во 1992-та, независната македонска држава создаде своја Армија. 18-ти Август е симбол на историскиот континуитет, затоа што вие, припадниците на Армијата сте наследници на славната антифашистичка генерација чија цел беше слободна држава во свет ослободен од фашизмот“ рече меѓудругото претседателот Пендаровски.
Тој посочи дека „низ годините, Армијата забрзано се модернизираше следејќи ги најновите стандарди и трендови во одбраната. Беше вложувано во образованието на кадрите, пред сé, на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“, но, и на воено-образовните установи во земјите-членки на НАТО. Значајно искуство се стекнуваше и преку активно учество во мировните мисии предводени од НАТО, од Европската Унија, од Обединетите нации и од нашите стратешки партнери“.
„Армијата беше и е главниот двигател за нашето членство во НАТО. Уште на самите почетоци, државата ја дизајнираше македонската одбрана со јасна цел и намера еден ден таа да биде целосно интегрирана во Евроатлантскиот безбедносен систем. Од тогаш минавме низ неколку периоди на непринципиелни надворешни блокади и погрешни внатрешни приоритети што го забавуваа нашиот од кон колективните безбедносни системи. Но, Армијата се реформираше во континуитет и помогна да не отстапиме од реализација на нашата стратешка цел. Затоа нема да погрешиме ако кажеме дека како држава го постигнавме нашиот, до сега, најголем надворешно-политички успех, во голема мерка, благодарение на Армијата и на нејзините храбри жени и мажи во униформа. Армијата продолжува да биде нашиот најважен влог во колективната одбрана. И денес, нашите војници активно придонесуваат кон мирот и безбедноста во светот во мировните мисии во Босна и Херцеговина, во Либан, во Централно Африканската Република, на Косово и во НАТО мисијата во Латвија“ рече Пендаровски.
Напомена дека „Последниве години, и ние, но и Европа и светот минуваме низ цела серија на турбулентни настани и процеси. Заедно со нашите сојузници се соочуваме со нестабилност предизвикана од војната во Украина, од геополитички тензии во различни делови на светот, економски и енергетски шокови, ограничување на човековите слободи и нарушување на владеењето на правото, како врвни демократски вредности“.