Пендаровски бара ЕУ да ја покрие разликата во цената за набавка на струја од Бугарија

Бугарија има политичка волја да испорача струја за Северна Македонија во претстојниот кризен период, но проблем се европските легилативи кои не дозволуваат држава членка на ЕУ да ги продава вишоците струја во билатерални договори туку само на слободниот пазар.

Претседателот Стево Пендаровски, кој денеска беше во прва официјална посета на Софија, имаше билатерлани, а потоа и трилатерална средба со бугарскиот колега Румен Радев и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, на кои единствена тема на разговор била енергетиката.

Цената по која Бугарија може да ги продава вишоците струја е далеку повисока од онаа која Македонија е подготвена да ја плати, а се движи во рангот од околу 200 евра, па затоа претседателот Пендаровски побарал на средбата да се најде начин и да се стават во погон кризните фондови на Унијата, како оние за пандемијата на ковид, преку кои би се надополнила разликата во понудената и бараната цена. Сепак, претседателот е без прецизна временска рамка кога би можело да пристигне одговор.