Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вчеравечер беше меѓу жителите на Бутел од каде побара поддршка за втор мандат, за како што рече, граѓаните да добијат гаранција дека Македонија ќе биде напредна, европска држава.
„Кај мене овие пет години и најсиромашните и најбогатите, и младите и старите, и жените и мажите, секој кој посакал да дојде, да побара помош за решавање на било каков проблем, вратите на мојот кабинет му биле отворени. Секаде сум поминал, сум дошол во вашите домови да ве прашам што ве мачи, како можам да помогнам, таму каде што не сум можел да помогнам сум барал помош од моите другари кои биле министри, пратеници, кои биле вицепремиери, кои биле градоначалници и со нивна помош сме се обиделе да помогнеме секаде каде што сме можеле, без разлика дали некој нè гласал или не нè гласал. Затоа што вие сите сте еднакви”, рече Пендаровски.
Во однос на понудата на неговата противкандидатка Силјановска и партијата којашто ја поддржа, Пендаровски рече дека ако дојдат на власт ќе го поништат Преспанскиот договор и ќе изгубиме уште 10 или 15 години за нови преговори.
„Кога ги прашувате што не ви чини во договорот што го имаме со Брисел, европската преговарачка рамка. тие велат ќе го поништиме и тоа затоа што таму го нема македонскиот јазик. Тоа е најголемата можна политичка лага. Договорот што го имаме со Брисел за почнување на преговорите содржи клаузула за македонскиот јазик, вели прецизно целокупното европско законодавство, сите европски закони ќе се преведуваат на македонски јазик кога ќе станеме полноправна членка на таа организација. Меѓутоа, нив тоа не им одговара затоа што тие имаат интерес од сеење на политичка магла да им даваат лажни надежи на нашите граѓани”, додаде Пендаровски.
Во обраќањето пред присутните Пендаровски се осврна и на неопходните чекори коишто треба да ги направи државата за да стане полноправна членка на ЕУ.
„Македонија има добар Устав во кој сите етнички заедници се застапени, ќе ги ставиме и оние кои не се, меѓутоа и тие што не се имаат еднакви права како оние што се запишани во преамбулата. Ние немаме потреба да правиме нов Устав, немаме потреба да преговараме нови договори со Грција и со Бугарија, немаме потреба да ги репреговараме договорите со Европската Унија. Ние имаме потреба да ги извршиме тие обврски и за четири, до пет години да станеме полноправна членка на ЕУ, каде што одамна заслужувавме да бидеме” рече тој.