Претседателот Стево Пендаровски, коментирајќи го случајот со поранешниот премиер Зоран Заев и австрискиот амбасадор Георг Вуцас истакна дека не се работи за мешање во внатрешни работи, туку легитимна обврска на секој амбасадор да ги штити интересите и на приватните бизниси на граѓаните од неговата држава, а не само на државните институции.
„Го следам случајот, прочитав коментари дека можеби е мешање во внатрешни работи. Не станува збор за мешање во внатрешни работи, се работи за легитимна обврска на секој амбасадор. И нашите амбасадори кога се надвор имаат обврска да ги штитат интересите и на приватните бизниси на граѓаните, не само на државните институции“ – вели Пендаровски.
Поранешниот премиер упати на институционална разврска, а и Пендаровски очекува од македонските институции да утврдат дали, како што тврди амбасадорот, имало непочитување на меѓународна арбитража.
Австрискиот амбасадор Вуцас, преку допис до медиумите, вчера упати жестоки критики до македонското правосудство, барајќи да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „ДЕНА трејд“ за производство на корнишони, поврзана со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
Австриската компанија не може да си наплати долг од 4,5 милиони евра во меѓународна арбитража. И покрај тоа што арбитражата е призната во Македонија, на македонските судови им беа потребни неколку месеци за да ја потврдат, а тој период „ДЕНА“ го искористила да префрли голем дел од својот имот на друга компанија, „Глобал трејд ДММ ДООЕЛ“. Во дописот, автсрискиот амбасадор наведува дека „Глобал трејд“ е фирма во сопственост на Емилија Заева Костова.
Таа е сопруга на сопственикот на „ДЕНА продукт“, но и братучетка на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, наведува амбасадорот.
Во реакцијата од Заев, тој целосно се оградува од каква било вклученост во споменатиот деловен спор што се води во судовите.
„Колку што гледам и читам од соопштението на амбасадорот, овој судски деловен процес е јавен и транспарентен како и сите други судски процеси. Законите важат еднакво за сите и убеден сум дека судот ќе донесе законита одлука, како и впрочем се очекува, без разлика за кој граѓанин или правен субјект се однесува“ – пишува поранешниот премиер.
Ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација, Заев вели дека нема друг избор освен да ги тужи за нанесена штета врз честа и угледот.