Ненси Пелоси, најмоќната демократка во американскиот Конгрес и првата жена претседателка на Претставничкиот дом, објави дека повеќе нема да го предводи клубот демократи. Таа додаде дека ќе продолжи да го претставува калифорнискиот округ во Претставничкиот дом.
Нејзината објава доаѓа по меѓуизборите, при што проекциите покажуваат дека републиканците го освоиле мнозинство во Претставничкиот дом. Републиканците за нејзиното место го номинираа Кевин Мекарти, а тој најверојатно ќе ја наследи нејзината сегашна позиција, пишува Би-би-си.
„Никогаш не мислев дека еден ден од домаќинка ќе станам претседателка на Претставничкиот дом. Нема повторно да се кандидирам за демократското лидерство во следниот Конгрес. Дојде време нова генерација да го води клубот на демократите“, изјави денеска Пелоси.
Пелоси ќе остане на функцијата претседателка на Претставничкиот дом до јануари, кога новиот состав на Конгресот ќе ја преземе функцијата, и ќе остане на местото што првпат го зазеде во 1987 година до јануари 2025 година.
Американскиот претседател Џо Бајден по објавата на Пелоси изјави дека „историјата ќе забележи дека таа била највлијателната претседателка на Претставничкиот дом во историјата“, наведе Си-ен-ен.