Пекинг се затвора поради 49 ковид случаи

Кинеската престолнина Пекинг денеска дополнително се затвора, пред се продавници и објекти поради ширењето на Ковид-19, а станбените блокови се под строги мерки за изолација. Властите се обидуваат да откријат што е можно повеќе контакти на заразените, додека во Шангај, каде веќе еден месец се во сила строги рестриктивни мерки, незадоволството се повеќе расте.

Градските власти во Пекинг се во трка со времето и се обидуваат да откријат што е можно повеќе случаи на коронавирусот и да ги изолираат луѓето кои биле во контакт со заразените.

Областа Чаојанг во Пекинг, со 3,5 милиони жители, е првата во која започна масовно тестирање. Во меѓувреме, цели станбени блокови се „заклучени“ и станарите не можат да ги напуштат своите домови.

Затворени се и теретани, трговски центри, кина, базени и велнес центри, како и библиотеки, а на доставувачите на пошта и храна им е забранет влез во некои населби и станбени области.

Жителите се предупредуваат дека ќе одговараат законски доколку не ги почитуваат рестриктивните мерки и придонесат за ширење на епидемијата.

Во Пекинг вчера се регистрирани 49 случаи на инфекција, во споредба со 50 претходниот ден.