Пекинг ги повика западните амбасадори на разговор

Кина објави дека ги повикала европските амбасадори во Пекинг на разговори во знак на протест против изјавите на групата Г7 и Европската унија кои ги критикуваат вежбите на Кина во близина на Тајван.

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека заменик министерот Денг Ли дал „официјална изјава“ за, како што рече, „дрско мешање во внатрешните работи на Кина“, пренесе АП.

Кина испрати воени бродови и авиони, лансираше проектили во Тајванскиот теснец по посетата на американската висока функционерка Ненси Пелоси на Тајван. Во меѓувреме, Кина го повика јапонскиот амбасадор во Пекинг поради учеството на Токио во „неточната“ изјава на Г7 за Тајван, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи, пренесува „Ројтерс“. Заменик министерот Денг Ли поднесе официјален протест до јапонскиот амбасадор во Кина.

На кинеската страна, што е свртена кон Тајван, денеска се собраа туристи да ги гледаат воените авиони кои се упатуваат кон областа за вежбање. Над главите на туристите се слушаа моторите на авионите, додека туристите фотографираа и извикуваа: „Да го вратиме Тајван назад“, додаваат американските медиуми.

Пет кинески проектили вчера паднаа во јапонската ексклузивна економска зона, во близина на островот Хатерума, јужно од главните јапонски острови, изјави јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши. Тој кажа дека Јапонија протестирала поради ракетата, оценувајќи дека таа е „опасна закана за националната безбедност на Јапонија и безбедноста на јапонскиот народ“.

Токио додаде дека веруваат дека преостанатите четири проектили истрелани од Фуџијан го прелетале Тајван.