Пациентите и денеска наидоа на затворени врати на хируршките сали

Проблемите со компресорскиот систем на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ ги затвори хируршките сали и ги остави пациентите без термини за операција. Се уште не се знае кога ќе се отстранат дефектите, но во моментов на клиниките се прегледуваат само итни случаи опасни по живот. Пациентите со срцеви болести велат дека чекаат со месеци да дојдат до термин за операција и сега ги одложиле на неодредено време.

Медицинскиот директор на Кардиохирургија, Марјан Шокаровски, кој беше разрешен вчера денеска не беше на работа. Разрешена беше и раководителката на Програмата за превенција од кардиоваскуларни заболувања Александра Ефтимова поради сомнение за злоупотреба на средства на клиниката за уплати од 700 евра дневно за експерти од Србија.

Специјализирани тимови излегоа на терен за да ги откријат проблемите со компримираниот воздух во хируршките клиники и другите установи, и за да видат зошто операциите не се реализираат.

Во меѓувреме, се уште не се знае кога ќе биде вратена нормалната состојба со термините за операции, кои се одложуваат со недели.

Министерството за здравство го чека резултатот од анализата на компримираниот воздух од Германија, иако две домашни лаборатории покажаа дека воздухот е во нормални параметри, но лошата миризба ги загрижи надлежните.

Моментално се опслужуваат со мали преносливи компресори, кои за време на пандемијата беа поставени за терапија со кислород и автоматска вентилација на интубираните пациенти со тешки здравствени состојби предизвикани од коронавирусот.