Пахор до Пендаровски во Охрид: Да беа Словенците Бугари, ќе немавте проблем!

Претседателот на Словенија – Борут Пахор на својот Инстаграм профил објави дел од разговорот што го имал со неговиот македонски колега – Стево Пендаровски во Охрид.

„Со македонскиот претседател и пријател Стево Пендаровски разговараме за нерешениот проблем меѓу Северна Македонија и Бугарија. Во меѓувреме, малку на шега, а малку и вистина, велам Словенците да беа Бугари, немаше да имаат проблем со нас. Тој на шега одговори дека Македонците да беа Словенци ќе беа 20 години во Европската Унија“ – напиша Пахор на социјалната мрежа Инстаграм.

Во официјалното соопштение од кабинетот на македонскиот претседател, Пендаровски се вели дека тој се заблагодарил за конзистентната словенечка поддршка на билатерален, регионален и мултилатерален план, особено гласна за време на претседавањето на Словенија со Советот на ЕУ, додавајќи дека приоритеризирањето на прашањето за европска интеграција на регионот е постојано високо на агендата на словенечката надворешно-политичка агенда.

Претходно денеска, Пендаровски на прес-конференцијата со претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел во Охрид рече дека Македонија очекува и од ЕУ и од Бугарија писмени гаранции дека ова е последно барање на Бугарија за кревање на ветото, за да не се повторат други од оваа или некоја следна бугарска Влада.