
Партијата на проевропската претседателка Санду води на изборите во Молдавија
По обработени 94 отсто од записниците, проевропската Партија на акцијата и солидарноста (ПАС), основана од претседателката Маја Санду, освојува 47,4 отсто од гласовите. На второ место е опозицискиот Патриотски блок, составен од четири проруски партии, кој, според делумните прелиминарни резултати, освоил речиси 26 отсто. Опозициската коалиција синоќа организираше протест пред зградата на ЦИК.
Пет политички субјекти – три партии и две коалиции – се очекува да влезат во новиот парламент на Молдавија, според делумните прелиминарни резултати објавени од Централната изборна комисија (ЦИК), која ги објавува податоците во реално време.
По обработени 94 отсто од записниците, проевропската Партија на акцијата и солидарноста (ПАС), основана од претседателката Маја Санду, освојува 47,4 отсто од гласовите.
На второ место е опозицискиот Патриотски блок, составен од четири проруски партии, кој, според делумните прелиминарни резултати, освоил речиси 26 отсто. Опозициската коалиција синоќа организираше протест пред зградата на ЦИК.
На трето место се наоѓа блокот „Алтернатива“ со лидери градоначалникот на Кишињев, Јон Чебан, поранешниот премиер Јон Кику, поранешниот главен обвинител и претседателски кандидат Александру Стојаногло и поранешниот претседателски советник Марк Ткачук. „Алтернатива“ освојува речиси 8,5 отсто, според делумните прелиминарни податоци на ЦИК.
„Нашата партија“ на Ренато Усати ја престигна партијата „Демократија дома“ во однос на претходните резултати и сега е на четврто место со 6,2 отсто.
Партијата „Демократија дома“ со лидер Василе Костиук собира 5,6 отсто. Оваа формација се залага за обединување на Молдавија и Романија.
Досега владејачката Партија на акцијата и солидарноста е на чело и според гласовите од странство, покажуваат прелиминарните податоци на ЦИК. На второ место е Патриотскиот блок, а на трето – „Нашата партија“. Сепак, во некои од секциите зад граница гласањето сè уште трае поради часовната разлика, а последните се затвораат гласачките места во САД и Канада.
За парламентарните избори во Молдавија беа отворени 301 изборно место во вкупно 41 држава во светот. Во земјата беа отворени 1973 избирачки места.
ЦИК соопшти дека излезноста на гласачите била 52,11 отсто.
Останатите партии, коалиции и независни кандидати не освоија доволно гласови за да добијат претставници во 101-членото законодавно тело, според делумните резултати.
За да добијат пратеници, партиите мора да освојат над 5 отсто од гласовите, а коалициите – над 7 отсто. Независните кандидати, кои на овие избори се четворица, би требало да освојат над 2 отсто.
Изборите се одржаа во клучен момент за Молдавија, која е кандидат за членство во ЕУ, но се наоѓа во непосредна близина на војната во Украина и, според молдавските власти, редовно е предмет на притисок и хибридни напади од страна на Москва.
Русија негира дека се меша во внатрешните работи на Молдавија и ги обвини молдавските власти дека поттикнуваат антируска хистерија со цел да победат на изборите.
Партијата на акцијата и солидарноста (ПАС), основана од Маја Санду, ветува членство на Молдавија во ЕУ до 2030 година. Без парламентарно мнозинство, сепак, партијата тешко ќе ја оствари таа цел, бидејќи ќе ѝ бидат потребни коалициски партнери меѓу партиитеод опозицијата. Лидерот на ПАС, Игор Гросу, досегашен претседател на Парламентот, изјави пред неколку дена дека доколку ПАС не добие мнозинство, ќе премине во опозиција.