Албанскиот опозициски блок се засилува со косовската политичка партија Самоопределување на премиерот Албин Курти. Алтернатива, Беса и Демократското движење најавија дека на наредните избори во нивната коалиција ќе се вклучи Самоопределување со која што ќе се води заедничка кампања и заеднички изборни листи.
„Од денеска Европскиот сојуз за промени се состои од четири политички партии. Тоа значи дека во овие четири е и Самоопределување, тие ќе бидат дел од пратеничките листи, значи ќе има член, претставник на Самоопределување“, вели Меџити.
По реакциите во јавноста, Меџити за Телма дообјаснува дека станува збор за поддршка, бидејќи Самоопределување не е регистрирана партија во земјава.
На денешното отворање на новата канцеларија на албанската коалиција бил присутен Беким Ќоку, кој е национален советник за Македонија во партијата Самоопределување. Луѓето во Македонија кои се симпатизери и приврзаници на Самоопределување ќе бидат предложени од Беким Ќоку да се најдат на коалициската листа на албанскиот опозициски блок.
За Ќоку, Самоопределување и помага на албанската опозиција за да се донесат промени со цел да исчезнат коруптивните политики и да се елиминира дискриминацијата на Албанците. Тој ги повика и другите политички партии, невладиниот сектор, но и Алијанса за Албанците да и се придружи на овие промени.
Со Самоопределување како партнер, оваа коалиција од партиски сојуз се претвора во, сенароден сојуз, потврдија и од Алтернатива и Беса.