Партијата ГЕРБ нема потенцијал за создавање парламентарно мнозинство во бугарскиот Парламент

По првите консултации со претседателот на Бугарија, Румен Радев, од партијата ГЕРБ-СДС соопштија дека во моментов не гледаат потенцијал за формирање на владејачко мнозинство околу заеднички принципи и цели.

ГЕРБ-СДС се подготвени да обезбедат експерти, без да прецизираат дали станува збор за создавање влада со нивен мандат или експертска влада со мандат на друга парламентарна партија од Народното собрание на Бугарија.

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, најави дека нема да брза со предавањето на мандатите за формирање работна влада, за да им се даде поголема можност на парламентарните партии за консултации и разговори.

Според уставната процедура на Бугарија, претседателот на државата мора сукцесивно да ги додели првите два мандата на првите две најголеми партии во Народното собрание, а доколку не можат соодветно да го исполнат, тогаш тој самиот избира кому да го доделува третиот мандат од другите партии во 48-то Народно Собрание на Бугарија и доколку и оваа партија или коалиција пропадне, тогаш го распушта парламентот и издава декрет за нова преодна влада и датум за одржување предвремени парламентарни избори во рок од три месеци.