Тргање на партиските раце од здравството и конечно воспоставување на мерит систем при вработувањата во болниците, е заедничката клучна порака од денешната панел дискусија што ја организираше Граѓанската сила „Замисли“, со поддршка на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ и Европската фондација за демократија – ЕЕД.
Јавното здравство е пред колапс, а младите и квалитетни лекари масовно ни заминуваат во странство, истакнаа учесниците на дебатата „Ни ваши, ни наши – реформи за поддршка на стручните лекари“, за што основна причина е партизацијата во здравствениот систем на којашто сведочиме повеќе од 30 години.
„Мора да го намалиме партискиот колач, и во здравството, и во образованието и во останатите клучни општествени столбови. Не смее лекарите и учителите да зависат од партиите, од тоа кој ќе победи на избори. Ќе влегуваат луѓе во болници, нема да излегуваат живи. Ќе влегуваат деца во училиште, ќе излегуваат без знаење. Токму затоа иницираме поширока општествена дебата, и очекуваме поддршка од самите лекари и останатиот кадар во здравството за да промениме нешто, реално. За почеток нека биде промената на законот којшто им дава на директорите на клиниките дискреционо право при одлучувањето за вработувања, со што се форсираат кадри коишто имаат партиска книшка, за сметка на квалитетните млади лекари коишто поради очај ја напуштаат државата“, истакна Никола Димитров, претседател на „Солуција“ во своето поздравно обраќање на настанот.
Тој додаде дека „Замисли“ периодов што следи заедно со еснафските организации и останатите засегнати страни ќе работат на решение за надминување на овие дефекти во здравството, што на крајот ќе го понудат на увид на јавноста и политичките партии, со тенденција да се добие поддршка во Парламентот и да се ефектуираат промените преку законско решение. Настанот го поздрави, а на иницијативата ѝ даде поддршка и евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир.
Земја на парадокси
Македонија е земја на парадокси, еве еден: имаме најдобро приватно здравство во регионов, а најлошо јавно здравство, рече Арбен Таравари, еден од учесниците во дискусијата, и самиот лекар и веројатно идниот министер за здравство. „Како е тоа можно, кога истите лекари се, во приватното здравство преминуваат лекари од јавното здравство. Значи, до организацијата е“, рече Таравари, којшто вети и дека доколку биде министер за здравство една од првите заложби ќе му биде за повторно спојување на Клиничкиот центар во Скопје. „Што ни беше потребен тој луксуз од 2007 кога се направија 32 клиники со 64 директори, еден здравствен и еден економски и не знам колку членови на управни одбори?!“, праша Таравари.
Тој јавно, пред присутните медиуми на дебатата, вети дека практично ја поддржува иницијативата на „Замисли“ и „Солуција“ за промена на регулативата што овозможува дискреционо право на директорите на клиниките и негова злоупотреба, што би било вовед во посуштински промени во здравствениот систем. На прашањето на модераторката а што доколку има притисок од матичната партија, и од останатите коалициски партнери, бидејќи со овие промени ѝ се задава практично удар на партизацијата, тој рече дека е спремен да си замине ако не успее во своите заложби.
Познатиот професор и лекар од Токсикологија Нико Беќаровски на панел дискусијата рече дека го памети периодот кога лекари се вработувале според регуларна ранг-листа, а не како денес, во зависност од тоа од која партија е докторот.
„Тоа беше во 1990-тите. Сега сме 2024 и треба да сме понапредни, а не сме. Имавме еден од најдобрите медицински факултети, со едни од најсолидните кадри во Југославија“, рече Беќаровски.
За тоа колку се доведени работите во здравството до апсурд, тој истакна пример од странските земји каде што имал прилика да престојува, каде што кога се бира апарат за некоја клиника, се состанува стручниот колегиум, а не како кај нас се формира комисија, во која, вели тој, често не ни има доктор од соодветната проблематика. Д-р Беќаровски констатира дека Европа ни го собира кремот од млади лекари и дека како професор секојдневно е во контакт со млади лекари кои учат повеќе странски јазици.
Законот е лош, и секако дека лошо се имплементира
Бојан Трајковски од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари се согласува дека партизацијата е рак-раната на македонското здравство и дека неговите колеги сѐ повеќе ја губат надежта оти работите ќе се сменат на подобро.
„Ние имавме 4-5 министри за здравство за пет години и не чувме некој да рече, ќе донесеме стратегија за тоа каде ја тераме работата во здравствениот систем во следните 15-20 години, што ќе ја поддржат сите партии. Сите почнуваа со некои свои сопствени идеи и замисли, а што може човек да стори за една година, или покусо, па колку и да има најдобри и најискрени намери да направи нешто добро?! Нов министер, нови директори на клиники, и цело време само тоа се повторува. Зошто да се менува директор на клиника доколку добро си ја врши работата, само затоа што не бил од вистинската партија во моментот?“
Никола Брзанов од Клубот на млади лекари рече дека сѐ додека законски им се овозможува на директорите да го користат дискреционото право, тие ќе го користат и ќе го злоупотребуваат. Проблемот е во самите политички партии, коишто според него, секако дека нема да се заинтересирани за промена на нешто што ним ќе им ја намали можноста за трговија со влијание, корупција, итн.
Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници кажа кратко и јасно, Законот за здравствена заштита е лош, и затоа и лошо се имплементира.
„Ако вообичаено знаеме да кажеме дека во одредени области имаме добри закони, но лоша имплементација, овде едноставно, законот е лош, и лошо се имплементира. Тој има бројни слабости и недоследности, не е целосно усогласен со европските директиви, и овозможува широки овластувања на директорите што може да се злоупотребуваат.“, истакна Цветановска.
Таа истакна неколку моменти каде што се согледуваат овие слабости, како што се дефектите кај конкурсите за вработување; се бара сертификат каде што треба тестирање, и обратно; се даваат договори за вработување на определено време со цел да се држи вработениот во неизвесност, да може да се уценува, итн.