Партиите со различни ставови околу францускиот предлог

Францускиот предлог за деблокада на нашите евроинтеграции вчера беше маса на средбата на партиските работни групи, на која требаше да се разменат идеи околу тоа како во наредната фаза по него да постапат и Собранието и Владата.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по средбата изјави, иако на неа биле изнесени различни ставови по многу прашања, таа минала во конструктивен дух.

– Беше добра почетна средба со овие позиции и мислам дека во наредните денови треба да продолжиме да разговараме, дали вечер, утре или наредните денови постои желба да се разговара на оваа тема, изјави Маричиќ, посочувајќи дека на соговорниците им ги објаснилеи механизмите за заштита на нашиот национален идентитет.

Според него, целта е да се осигураме дека со европскиот предлог нема да имаме натамошни бескрајни блокади.

– Ако добро ги водиме преговорите можеме во наредните неколку години, до крајот на оваа декада да завршиме како членка на ЕУ, нагласи Маричиќ.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ – Јован Митрески по средбата изјави оти до сите пратенички групи испратиле нивни предлог-заклучоци, кои би требало да бидат усвоени во однос на информацијата што Владата треба да ја прати до Собранието.

– На седница во Собрание треба да се гласаат заклучоците и тие се во контекст на тоа која е наша стратешка определба и дека билатералните прашања треба да ги исклучиме од преговарачката рамка и да ја задолжиме Владата да ја има предвид определбата за посебноста на историските, културните, јазичните, образовните посебности на македонскиот народ. Очекувам за тие предлог заклучоци дека ќе разговараме деновиве. Ова е сериозен процес за државата, се решава, одлучуваме сите заедно во кој правец ќе се движи државата, носиме одлука за иднината на државата, рече Митрески.

Но, од друга страна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски по средбата изнесе серија забелешки на оваа партија кон Општиот став на ЕУ за преговарачката рамка и Заедничкиот став на ЕУ за преговорите за пристапување.

Дел од забелешките се и барања за бришење на точки од документите како онаа за соодветните еднострани декларации на Бугарија и земјава за македонскиот јазик, исклучување на Договорот за добрососедство со Бугарија и годишните прегледи за негово ефективно спроведување од Преговарачката рамка и отфрлање на условувањето на отворањето на преговорите по кластери со промена на Уставот, туку тие да започнат веднаш.

Николоски рече дека се подготвени секој момент да разговараат за усвојувањето на нивните барања со коишто, според него, се штитат сите национални и државни позиции.

Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ по средбата изјави дека суштината е оти македонскиот јазик ќе стане дел до официјалните јазици на Европската Унија и тоа е кристално јасно во преговарачката рамка.

– Ја имаме преговарачката рамка, ќе имаме и старт на преговори. Се предвидува дека ние веднаш ќе започнеме со процесот на скрининг, јасно и гласно е предвидено и секоја друга земја членка на ЕУ, поминува низ овој скрининг процес, некаде траело осум, 12, 20 месеци, но, јас очекувам дека ако ние успееме да направиме уставни измени, до крај на декември може да имаме и втора меѓувладина конференција и да ги отвориме првиот кластер и поглавје и да навлеземе во суштината после скрининг процесот кој ќе го поминуваме заедно со Република Албанија, додаде Адеми.

Елми Азири од Алијанса за Албанците појасни дека на состанокот се дискутирало за можен заеднички предлог заклучок од Собранието, при што се согласиле да продолжат со разговорите.

– Ќе видиме како ќе течат работите, во исклучителен значаен момент сме за нашата држава не треба да ја пропуштиме оваа шанса зашто со години чекаме Република Северна Македонија да ги почне преговорите за зачленување во ЕУ. Ова е надеж и треба како држава да ја материјализираме во смисла на тоа да ги отпочинеме преговорите, рече Азири, додавајќи дека не е време за емоционални одлуки, туку за рационализирање на сите потешкотии кои можат да ни бидат како пречка на европскиот пат.

Лидерот на ДС, пак се заложи за усвојување на заклучоци по предлогот со широка поддршка во Собранието.

– Заклучоците треба да ја обврзат Владата да направи обид она што е содржано во нив да го вгради во преговарачката рамка и во другите документи, а доколку не успее тоа би значело дека не може да даде согласност за предлогот, рече Трајанов.