Партиите ги реафирмираа своите ставови: Дали е на повидок 2/3 мнозинство за уставни измени?

Владејачките СДСМ и Либерално – демократската партија вчера на седници на централните одбори на партиите уште еднаш ги потенцираа своите заложби за носење на уставните измени со цел продолжување на европскиот пат на земјата. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, преку изјава на лидерот Христијан Мицкоски објави дека ја прекинува официјалната комуникација со власта за уставните измени, посочувајќи дека разговори може да има само за брзи предвремени избори наесен.

Централниот одбор на СДСМ на онлајн седница донесе неколку одлуки и заклучоци. Оценката е дека скрининг процесот во рамки на преговорите со ЕУ се одвива добро и наскоро ќе финишира успешно. Владата предводена од СДСМ, заедно со коалициските партии, како што се потенцира, останува посветена на реформите потребни за продолжување на европскиот пат на земјата и остварување на стратешката цел – членство во ЕУ.

-Европската интеграција на земјата треба да биде обврска на секоја политичка партија. Затоа сите релевантни парламентарни партии и сите пратеници коишто иднината на земјата ја гледаат како полноправна земја – членка на ЕУ треба да ги поддржат уставните измени, посочуваат од СДСМ.

Во соопштението се потенцира и дека во наредните две недели, амандманите на Уставот ќе бидат разгледани од страна на Владата и јавно објавени. Потоа тие ќе бидат доставени до Собранието по што ќе следи и процес на дискусија согласно собраниската процедура.

Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во дискусијата во рамки на Летниот камп на младите социјалдемократи во Охрид истакнал дека сега треба да се донесе одлуката за продолжување по европскиот пат и заеднички да се обезбеди европската иднина на граѓаните.

-Трасираниот пат до ЕУ, иако нема да е лесен, мора да се изоди. Мораме да им овозможиме на нашите граѓани, на вас младите, на идните генерации да бидат дел од мозаикот на ЕУ, побогати и со подобар стандард од сега. Продолжување на европскиот пат е основа и можност за подобра, побогата иднина, подобар животен стандард, можност за идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа да не биде во некоја друга земја, туку да биде дома, во Македонија, рекол Ковачевски.

Тој нагласил дека Владата донесе многу тешки одлуки и покажа лидерство и храброст.

-Процесот на преговори беше мачен и тежок, но факт е дека ние од тој процес излеговме како земја која успеала да се избори за своите позиции. Со почетокот на преговорите и скринингот како и со потпишувањето на ФРОНТЕКС договорот, ние минатата година добивме целосна потврда за нашите заложби за европска иднина, за европска перспектива на младите. Добивме и потврда дека македонскиот јазик е заштитен и е на исто рамниште со останатите јазици на ЕУ, потенцирал Ковачевски.

Заклучокот од третата седница на Централниот одбор на Либерално-демократската партија беше дека тие остануваат на патот кон интеграцијата на Северна Македонија во Европската унија, но со силни заложби за владеење нa правото и реформа на правосудниот систем.

Како што изјави претседателката на ЛДП Моника Зајкова, поддршката за уставни измени значи поддршка за европската иднина на граѓаните и напредок на Северна Македонија на евроинтегративниот пат.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски пак во изјава за медиумите кажа дека се прекинуваат сите официјални комуникации на билатерално ниво со претставниците на власта.

-Оваа едногласна одлука е донесена изминатата седмица на седница на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ. Повеќе како ВМРО-ДПМНЕ и коалиција нема да се среќаваме на билатерална основа официјално со претставници од Владата, истакна Мицкоски.

Тој посочи дека има само една работа за која што треба да се договорат со владејачките партии, а тоа се брзи предвремени избори оваа есен.

-Има само една работа, а тоа е да седнеме и да се договориме околу изборите. Кога ќе бидат, како ќе бидат, на кој начин – со техничка влада, немање техничка влада или се она кое што е поврзано од изборите. Од овој момент па натаму повеќе нема да зборувам ништо што е поврзано со уставните измени, туку единствената работа која што би сакал да ја зборувам е да седнеме на маса и да разговараме за брзи предвремени парламентарни избори оваа есен, рече Мицкоски.

СДСМ реагираше на изјавата на Мицкоски посочувајќи дека тој наместо да работи на интеграција, сака да се прикажува како експерт за изолација и блокади.

-Мицкоски има право да се изолира себеси, но нема право да ја изолира државата. Неговата штетна политика на одбивање дијалог и обиди за блокади е доказ дека е подготвен и да ја закочи државата, да биде изолирана, само затоа што нема капацитет и не знае да реши ниту еден проблем и предизвик.СДСМ нема да дозволи земјата да изгуби нови 11 години во изолација, како што се случи тоа во времето на шефот на Мицкоски, Никола Груевски. Заедно со коалициските партнери и со сите партии кои се за европска иднина во европскиот блок ќе продолжиме со одговорно и државничко однесување. Ќе направиме се за продолжување на европскиот пат на земјата, да ја внесеме Македонија во ЕУ и да ја релизираме стратешката цел, потенцираа од СДСМ.

Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ вечерва изјави дека партијата останува на претходните четири ставови околу изборите.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски не очекува изненадување од страна на нивните пратеници при гласањето на уставните измени, кои, според најавите, за две недели треба да се најдат во Собранието.

– Ние стоиме на тоа. Редовни координации организираме и не е прашањето до пратениците затоа што сите тие пратеници имаат легитимитет од граѓаните, а граѓаните се тие кои се противат на ваков тип на уставни измени, вели Мицевски.

Уставните измени што треба да опфатат промена на Преамбулата во Уставот и во него да се внесат Бугарите и припадници на други етнички заедници во моментов се доработуваат во Владата, а беа изготвени од страна на Работната група во која членуваат експерти и претставници на политичките партии, додека опозицијата не номинираше свои претставници.

Инаку, вчера на маргините на Дубровник форум 2023 се одржа и првата средба на министерот за надворешни работи Бујар Османи со заменик претседателката на бугарската Влада и министер за надворешни работи Марија Габриел, по назначувањето на новата Влада во Софија.

На средбата, како што соошти МНР, биле разменети мислења за работата на секторските работни групи, чии резултати се конкретни и видливи за граѓаните на двете земји, реафирмирајќи ја нивната важност за севкупните односи и соработка.

-Посебен акцент во разговорите беше ставен на европската перспектива на Република Северна Македонија, соодветно на принципите и одредбите од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, се наведува во соопштението од македонското Министерство за надворешни работи.

Османи изразил задоволство што со формирањето на новата Влада во Бугарија се создаваат дополнителни перспективи за поинтензивен политички дијалог, а со тоа и зголемени можности за зајакнување на билатералната соработка меѓу двата соседи.