Парламентарното мнозинство е стабилно, а Владата целосно фокусирана на менаџирање на кризата, како и на скрининг процесот на ЕУ, тврдат владејачките партии по превирањата во Демократската унија за интеграција.
За информациите поврзани со ДУИ вчера на прес-конференција одговараше министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој воедно е и портпарол на оваа партија. Тој ја нарече лажна вест информацијата за негова смена и посочувајќи дека таа не заслужува никаков коментар.
За отвореното писмо од група членови на ДУИ, Османи рече дека во партијата има големо ниво на демократија и секој може да го каже својот став, но дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети.
– Со вчерашната изјава на Ахмети, мислам дека тука е завршена таа приказна, изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг во МНР.
Прашан за тоа дали внатрепартиските превирања ќе влијаат на стабилноста на Владата, Османи рече дека ДУИ е фактор на стабилност изминатите 20 години и дека така и ќе продолжи.
– ДУИ е стабилна политичка структура, не очекуваме никаков понатамошен развој на настаните, додаде Османи.
Дваесетина незадоволни членови на ДУИ, меѓу кои и Муса Џафери, Изет Меџити, Невзат Бејта, Блерим Беџети и Висар Ганиу, во отворено писмо побараа внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикаат лидерот на партијата Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. За состојбите во партијата тие го обвинуваат Артан Груби.
И од владејачката СДСМ излегоа со тврдења дека мнозинството е стабилно и дека Владата работи на менаџирање на кризата и на скрининг процесот.
-Тоа се внатрепартиски работи, се изјасни вчера претседателот на партијата, јас не би го коментирала. Парламентарното мнозинство е стабилно, а Владата целосно фокусирана на менаџирање на економската и енергетската криза, како и на скрининг процесот кој веќе тече, изјави за МИА вчера портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска Кузеска повторувајќи го ставот на партијата.
Синоќа во телевизиска емисија ставот го повтори и потпретседателот на СДСМ, Перо Костадинов.
-Владиното мнозинство е стабилно и коалицијата нема никакви проблеми, истакна Костадинов.
Тој додаде дека засега има информации дека од владиниот тим ќе се менува само Горан Милевски од Министерството за локална самоуправа кој даде оставка и нема најави за дополнителни промени.
-Ситуацијата со ДУИ е внатрепартиска и не би ја коментирал, додаде Костадинов.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски оставката ја поднесе минатата недела, но таа се уште не е доставена во Собранието и нема официјални информации кој би дошол на оваа позиција.
В. д. претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари одговарајќи на новинарско прашање за можен влез во Владата рече дека доколку тие добијат понуда за да влезат во владината коалиција ќе ја разгледаат, но оти досега не добиле таква понуда.
– Засега не сме разговарале за тоа, сега сме фокусирани на реорганизација на партијата. Претежно сме на терен и разговараме, ги слушаме активистите и симпатизерите. Не сме разговарале за условите за влез или излез. Не сме биле во Влада, па не сме ни размислувале. Но, ќе видиме, ќе испитаме дали ќе има таква понуда. Досега не сме добиле понуда, рече Таравари.
Таравари по барање на новинарите се осврна и на последните случувања во ДУИ, напоменувајќи дека не сака да коментира случувања во другите политички партии, но оцени дека е започнат распадот на ДУИ и оти тоа, како што рече, наскоро ќе се случи.