Парламентарните избори 2025 ќе го чинат Косово речиси девет милиони евра

Парламентарните избори во Косово, закажани за 9 февруари 2025 година, се очекува да го чинат државниот буџет нешто повеќе од 8,7 милиони евра, објави Централната изборна комисија на Косово (ЦИК)

Парламентарните избори во Косово, закажани за 9 февруари 2025 година, се очекува да го чинат државниот буџет нешто повеќе од 8,7 милиони евра, објави Централната изборна комисија на Косово (ЦИК).

Портпаролот на ЦИК, Ваљмир Елези, во интервју за новинската агенција КосоваПрес, посочи дека тоа е само проекција на буџетот, додека конечната цена ќе се знае дури по завршувањето на изборите.

– Буџетот планиран од ЦИК за организирање на изборите за Собранието на Косово, кои ќе се одржат на 9 февруари 2025 година, е во износ од 8.709.317 евра. Ова е само планирање на буџетот, што значи дека за да се знае точно колку ќе чини организацијата на овие избори треба да се почека нивното завршување и сите други процедури. Потоа ќе имаме конечен извештај и точно ќе знаеме колку од планираните средства се потрошени. Според искуството од минатите изборни процеси, вообичаено крајниот трошок е помал од планираниот, рече Елези.

Според него, најголем дел од планираните средства се користат за плаќање на избирачките органи, кои ЦИК ги ангажира во текот на изборниот процес и по него.

– Од вкупната сума на планираниот буџет, најголем дел е наменет за кадровските и изборните органи кои ќе бидат ангажирани. Само во текот на овој процес се планирани над 23.000 лица, од кои најголемиот дел ќе бидат ангажирани како членови на општинските изборни комисии, членови на советите на избирачките места и членови на пребројување на гласовите во Општинскиот преброен центар, рече Елези.

Како што пренесува МИА, ЦИК напомнува дека новиот Закон за општи избори, кој го одобри Собранието на Косово по завршувањето на изборната реформа во летото 2023 година, ги проширил надлежностите на ЦИК, а следствено тоа се одразило и на планираниот трошок. На трошокот ќе влијае и редовниот период во организацијата на изборите, кој почна кон средината на август годинава, а се очекува да заврши пред пролетта следната година.

Последните парламентарни избори во Косово се одржаа на 14 февруари 2021 година и беа организирани за краток временски период бидејќи беа вонредни.

Според податоците на ЦИК, тие избори го чинеа косовскиот буџет 4.469.764 евра. Планираниот трошок за овие избори беше во износ од 5.578.712 евра.