Француското претседателство со ЕУ именувањето на јазикот на кој ќе се преведува заедничкото европско право е со чиста одредница „македонски“, без дообјаснувања или фусноти.
Ова е предлогот на Франција кој меѓудругото предвидува на 23. јуни годинава Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои Преговарачката рамка за Северна Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција.
„360 степени“ наведува дека Советот на истиот состанок ќе донесе и одлука дека следна меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори ќе се одржи веднаш штом Северна Македонија ја заврши процедурата за промена на Уставот заради внесување на Бугарите во Преамбулата.
„Всушност, станува збор за пакет од неколку документи, од кои два се најсуштествени – предлог-преговарачката рамка и предлог-заклучоците на Советот на ЕУ за состанокот идната недела. Првиот впечаток е дека станува збор за сет од документи во кои француското претседателство со ЕУ се обидело да направи баланс меѓу главните барања (црвените линии) на двете страни. Се предвидува на 23 јуни годинава Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои Преговарачката рамка за Северна Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција. Советот на истиот состанок ќе донесе и одлука дека следна меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори ќе се одржи веднаш штом Северна Македонија ја заврши процедурата за промена на Уставот заради внесување на Бугарите во неговата преамбула“ – наведува „З60 степени“.
Пакетот-документи предвидува и дека кон заклучоците од првата меѓувладина конференција, Бугарија и Северна Македонија ќе достават унилатерални изјави за македонскиот јазик, кои ќе бидат приклучени само кон записникот од тој состанок, без да влијаат на содржината на преговарачката рамка.
Во предлог-преговарачката рамка, во сегментот за процедурите на преговарање, пишува дека Северна Македонија ќе усвои акциски план посветен на заштита на правата на малцинствата и заедниците, чие исполнување редовно ќе се следи на меѓувладините конференции.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски на својот Фејсбук профил објави делови од документи на кои се наведува дека се Предлог- заклучоци за состанокот на Комитетот на постојаните претставници на ЕУ, закажан за 20 јуни.
Во извадоците се посочува дека Северна Македонија треба да покаже опипливи резултати во посветеноста на добрососедските односи и поблиската регионална соработка и со добра волја да ги имплементира билатералните договори, вкучително Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососерски односи со Бугарија од 2017 година, како и билатералните протоколи за негова имплемнтација.
Вчера, пак, софискиот весник „Дневник“ објави дека француското претседателство со Европската Унија на земјите членки на ЕУ им понудило „формула за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија, којашто се чини дека ги задоволува условите на Бугарија за давање согласност и повлекување на ветото“.
„Дневник“ наведува дека француската формула предвидува преговарачкиот процес со земјава да започне дури откако ќе се извршат измени во Преамбулата на Уставот, поврзани со „граѓаните кои живеат во државата а кои се дел од други народи, вклучително и Бугарите“. – Само тогаш брзо ќе биде свикана првата меѓувладина конференција, со што ефективно ќе започне преговарачкиот процес за членство.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера од Охрид ја повика опозицијата да не се обидува прашањето околу евроинтеграцијата на земјава да го става во функција на партиските митинзи, коментарајќи ги наводите во врска со Предлог-заклучоците објавени од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Мислам дека опозицијата се обидува да создаде атмосфера пред нивниот протест, за да повлечат некој човек повеќе. Мислам дека досега не се покажаа кредибилни нивните ставови и извори. Тоа што јас можам да кажам е дека е започнат процес на консултации помеѓу земјите членки пред да се усогласи став на сите земји членки по однос на процесот понатаму за да може да стигне кај нас, за да ние ги анализираме тие предлози и дадеме наши забелешки, доколку има такви забелешки. Значи процесот е тој. Прво, француското претседателство дава предлози коишто ги дистрибуира до сите земји членки, Секоја земја членка може да даде забелешки вклучувајќи ја и Република Бугарија. Атмосферата во Република Бугарија, сите сме сведоци каква е. Затоа јас не би влегол во коментарни на различните предлози, бидејќи сметам дека е прво важно да ги слушнеме ставовите на сите земји членки, а отпосле ќе ги кажеме ние нашите ставови“ – рече Османи.