Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц ги повикаа Приштина и Белград што е можно поскоро да организираат нови избори во четирите општини на северот на Косово, наведувајќи дека истовремено е неопходно да се разјаснат изборните правила. Макрон рече дека побарале јасни одлуки до следната недела.
Ова го изјавија Шолц и Макрон во Кишињев, на самитот на Европската политичка заедница.
„Бевме во можност со канцеларот Шолц да ја продолжиме работата што ја започнавме минатиот пат и покрај настаните што се случија на северот на Косово во последните денови“, изјави Макрон.
Тој посочи дека имале одвоени средби со косовската претседателка Вјоса Османи и со српскиот претседател Александар Вучиќ и изјави дека тензиите на северот на Косово се резултат на локалните избори, на кои само три отсто запишани гласачи на 23 април излегоа да гласаат.
Косовската претседателка Вјоса Османи потврди дека Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц побарале Приштина да најде начин да организира нови избори на северот на земјата и на нив да учествуваат косовските Срби.
Османи, како што пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, на европските лидери им порачала дека законските процедури овозможуваат одржување на избори.
„Тоа не се прави веднаш, но има законски процедури кои им овозможуваат на граѓаните да одлучат дали сакаат избори“, вели таа.
Макрон рече дека во следните недели ќе биде донесена „јасна одлука“ за ситуацијата на северот на Косово и дека тоа било договорено на средбите со Шолц и Османи и Вучиќ.
По самитот во молдавското село Булбоака, Макрон изјави и дека шефот на европската дипломатија Жозеп Борел ќе разговара со лидерите на Србија и Косово за одржување нови избори.
Денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека северноатлантската алијанса е подготвена да испрати уште повеќе војници во Косово за да го смири насилството на северот на земјата населен претежно со Срби, додавајќи дека првите 700 војници веќе се на пат за Косово.