Папата Франциск ја повика Европа да ја преземе улогата на миротворец

„Ние пловиме среде бури по океанот на историјата и чувствуваме потреба да тргнеме по храбрите патишта на мирот. Се надевам дека Светскиот ден на младите ќе биде импулс за универзална отвореност за Стариот континент“, рече папата по слетувањето во воената воздухопловна база во Лисабон за да присуствува на глобалниот собир на млади католици што се одржува на секои две или три години во различен град, рече тој, пренесе АП.

Коментирајќи ја војната во Украина, глобалното затоплување и демографскиот пад на Европа, тој ги повика младите да преземат иницијатива и заедно да ја градат иднината.

„Сонувам за Европа, срцето на Западот, која ги користи своите огромни таленти за да ги реши конфликтите и да ги запали светилките на надежта“, рече Папата.

Тој посочи дека Европа е способна да си го врати „младешкото срце“ и да биде континент кој е инклузивен и не брка идеологии.

Посетата на папата Франциск се одвива во сенка на огромниот скандал за сексуалното злоставување малолетници од свештеници во Португалија, кое трае повеќе од седум децении и критики за високите трошоци за организација на настанот.

Папата Франциск, кој ќе престојува во Португалија до 6 август, се очекува приватно да се сретне со жртвите на злоупотреба.

Некои Португалци ја критикуваа организацијата на Светскиот ден на младите бидејќи Португалија е една од најсиромашните земји во Западна Европа, каде што милиони се борат да врзат крај со крај поради ниските плати и високата инфлација, пренесува Танјуг.