Папата Франциск: Сексот е една од најубавите работи што Бог му ги дал на човекот!

Папата Франциск во документарец ја велича доблеста на сексот, опишувајќи го како „една од најубавите работи што Бог му ги дал на човекот“, објави Ројтерс.

Поглаварот на Римокатоличката црква го даде коментарот во документарната продукција на „Дизни +“ „Папата одговара“ која ја сними неговата средба во Рим со десет млади луѓе на возраст малку повеќе од 20 години.

Тие му поставуваа прашања на различни теми, вклучувајќи ги правата на ЛГБТ, абортусот, порно индустријата, сексот, верата и сексуалната злоупотреба во Католичката црква.

„Сексот е една од најубавите работи што Бог му ги дал на човекот“, вели Папата во документарецот.

„Сексуално изразување е богатство. Сè што ве спречува од вистинското сексуално изразување ве ограничува и го намалува ова богатство“, вели светиот отец, зборувајќи за самозадоволување.

Во разговорот папата Франциск го прашуваат дали знае што е „небинарна личност“, а тој вели да.

Папата повторува дека луѓето од ЛГБТ заедницата мора да бидат добредојдени од Католичката црква.

„Сите луѓе се Божји деца, сите луѓе. Бог никого не отфрла, Бог е татко. И јас немам право никого да избркам од црквата“, вели тој.

На тема абортусот, папата Франциск вели дека свештениците треба да бидат „милосрдни“ кон жените кои ја прекинале бременоста, но и дека оваа практика останува неприфатлива.

„Добро е работите да се нарекуваат со нивното вистинско име. Едно е да се биде со личноста која доживеала абортус, а сосема друго е да се оправда оваа постапка“, вели тој.