Папата се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон

Папата Франциск денеска се сретна со претседателот на Франција, Емануел Макрон, на нивната трета приватна аудиенција во Ватикан и разговараа за желбата да се промовира мирот во светот кој е под притисок на војни, особено војната во Украина.

Според кусото соопштение од Канцеларијата за печат на Светата столица, разговорите биле срдечни и особено биле фокусирани на тековната војна во Украина. Со Макрон, била и неговата сопруга Брижит.

– За време на срдечните дискусии, кои се одржаа во Државниот секретаријат, страните се фокусираа на прашања од меѓународна природа, почнувајќи од конфликтот во Украина, со посебно внимание на хуманитарната ситуација, се вели во соопштението.

– Особено внимание беше посветено на регионот на Кавказ, Блискиот Исток и Африка, пренесе Ватикан Њуз.

По средбата со папата Франциск, Макрон се сретна со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин и секретарот за односи со држави и мултилатерални организации на Ватикан, надбискупот Пол Ричард Галагер.

Францускиот претседател претходно го посети папата на 26 ноември 2021 и 26 јуни 2018 година.