
Папата Лав: Либан е доказ дека различните религии можат да живеат заедно
- Во време кога коегзистенцијата изгледа како далечен сон, народот на Либан, иако припадник на различни религии, е моќен потсетник дека стравот, недовербата и предрасудите не се последниот збор – и дека единството, помирувањето и мирот се возможни, рече папата.
Папата Лав Четиринаесетти денеска упати силен апел за меѓурелигиски дијалог во Либан, пофалувајќи ја земјата како пример за соживот меѓу различни верски заедници.
Во земја погодена од војни и кризи, Либан покажува дека „христијаните, муслиманите, Друзи и многу други можат да живеат заедно и да градат држава обединета со почит и дијалог“, изјави поглаварот на Католичката црква при посетата на Бејрут.
– Во време кога коегзистенцијата изгледа како далечен сон, народот на Либан, иако припадник на различни религии, е моќен потсетник дека стравот, недовербата и предрасудите не се последниот збор – и дека единството, помирувањето и мирот се возможни, рече папата.
Во тој контекст ги повика Либанците да бидат „градители на мир“, да се спротивстават на нетолеранцијата, да го надминат насилството и да го отстранат исклучувањето.
Папата говореше на плоштадот на Мачениците во Бејрут, заедно со претставници на различни религии, во непосредна близина на џамијата Мухамед ал-Амин и катедралата „Свети Ѓорѓи“.
На церемонијата се обратија и сунитски и шиитски верски лидери.
Сунитскиот голем муфтија на Либан, шеик Абдул Латиф Дериан, го поздрави понтифот. – Со овие темели на верата, го поздравувам големиот гостин на Либан, папата Лав XIV, посакувајќи му успех во водењето на христијанскиот брод за доброто на човештвото, порача тој.
– Ја цениме вашата посета во овие околности… сите се надеваме дека вашата посета ќе придонесе за зајакнување на кревкото национално единство во оваа земја, оптоварена со рани поради тековната израелска агресија, изјави заменик-претседателот на Високиот исламски шиитски совет, шеик Али ал-Катиб, по средбата со папата.
Тој додаде дека „војни водени во име на религијата не ја одразуваат вистинската природа на религијата, која е заснована на светоста и достоинството на човечкиот живот“.
Либан е дом на повеќе религиски заедници, вклучувајќи муслимани – сунити и шиити – христијани и Друзи.
Земјата се соочува со најтешката економска криза во својата историја, со околу 60 отсто сиромашни. Напнатата безбедносна ситуација по последната војна меѓу Хезболах, поддржан од Иран, и Израел ги продлабочи проблемите.
Во центарот на Бејрут, под силно полициско обезбедување, муслимански и христијански верници го поздравија папата.
– Јас сум муслиман, но папата е за сите и во оваа земја сакаме единство и молитва, изјави за ДПА Сами Кабани.
Пред обраќањето, беше одржана муслиманска молитва во присуство на папата.
Претходно, папата го посети гробот на свети Шарбел Маклуф во Анаја, северно од Бејрут. И покрај постојаниот дожд, многу Либанци стоеја долж трасата, мавтајќи со либански и ватикански знамиња и фрлајќи ливчиња и ориз врз неговото возило.
Гробот на Маклуф (1828–1898) е значајно место на аџилак за христијаните. Маклуф бил монах кому му се припишуваат чуда. Таму, Лав тивко се помоли, потоа им се обрати на присутните на француски: „Се молиме за мир во светот. Посебно се молиме за Либан и за целиот Левант“.
Папата потоа го посети светилиштето во Хариса, каде го пречекаа околу 2.000 свештеници, монаси, калуѓерки и верници. На местото каде се издига статујата на Богородица, толпата го пречека со громогласен аплауз и повици „Да живее папата!“.