
Паолучи: Фокусирајте се на зајакнување на домашните темели на економскиот раст
Не може да влијаете на надворешните шокови како што се геополитичката фрагментација или текот на глобалните цени на стоките, но може да се фокусирате на зајакнување на домашните темели на економскиот раст. Посилните реформски напори, особено во зајакнување на управувањето со јавните финансии, човечкиот капитал, енергетиката и дигитализацијата претставуваат темелна инвестиција во долгорочната патека на раст на земјата, вели во интервју за МИА Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово, кој заминува од земјава.
Не може да влијаете на надворешните шокови како што се геополитичката фрагментација или текот на глобалните цени на стоките, но може да се фокусирате на зајакнување на домашните темели на економскиот раст. Посилните реформски напори, особено во зајакнување на управувањето со јавните финансии, човечкиот капитал, енергетиката и дигитализацијата претставуваат темелна инвестиција во долгорочната патека на раст на земјата, вели во интервју за МИА Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово, кој заминува од земјава.
Паолучи посочува дека давањето приоритет на сите овие реформи ќе биде од суштинско значење за одржување на растот и градењето на поотпорна и поконкурентна економија.
Оценува дека земјава не е исклучок од трендот на одлив на работна сила. Ограничениот пристап до квалитетни можности за работа, квалитетна здравствена заштита и образование, како и загриженоста за корупцијата и слабите институции, вели Паолучи, значително придонесуваат за одлуките за емиграција.
Тој порачува дека емиграцијата и стареењето на населението влијаат врз пензискиот систем, а според Извештајот за јавни финансии на Светската банка за 2024 година, се очекува во 2053 година бројот на пензионери да го надмине бројот на вработени.
Препораката на Паолучи е широк консензус од сите засегнати страни и разгледување на опциите за индексирање на пензиите со инфлацијата за да се сочува куповната моќ на пензиите, постепено зголемување на пензиските придонеси со истовремено зголемување на усогласеноста и намалување на сивата економија, постепено зголемување на возраста за пензионирање и воведување програми на пазарот на труд за преквалификација на постарите лица кои се способни да работат и алтернативни мерки за зголемување на приносите од инвестициите на пензиските фондови.
Во интервјуто, што директорот на Канцеларијата на Светска банка го даде пред неговото заминување од државава, открива која е неговата следна дестинација каде ќе работи, а дава и свој осврт на економијата во земјава во текот на изминатите пет години и говори и за важноста од приклучувањето во СЕПА.
Интервјуто го пренесуваме во целост:
Господине Паолучи, дојдовте во земјава во 2020 година. Од денешен аспект, според Вас, колку земјава успеа во изминатите пет години да се придвижи напред од економски аспект?
– Почнувајќи од 2020 година, Северна Македонија беше погодена од серија кризи, но земјата покажа забележителна економска отпорност. Бруто домашниот производ го надмина нивото од пред пандемијата во 2022 година и продолжи да се зголемува, додека платите речиси се удвоија, невработеноста се намали на ново историски ниво, а инфлацијата се намали од двоцифрениот врв. Сепак, стапката на раст на економијата е сè уште под потенцијалот, попречена од постојано ниската продуктивност и слабиот напредок во развојот на човечкиот капитал. Додека фискалната прудентност пред кризите создаде простор за навремена поддршка на економијата, последователните шокови ги ослабнаа фискалните резултати и влијаеја на фискалната одржливост. Обновувањето на фискалниот простор и враќањето на фискалната дисциплина сега се од суштинско значење за да се обезбеди фискалната политика која ќе го поддржува растот и ќе помогне да се спречат негативните влијанија од надворешните шокови кои се со се поголема фреквенција од кога било досега.
Дојдовте во период кога светот се соочи со една од најтешките здравствени кризи – Ковид 19. Како меѓународна институција одигравте значајно влијание за справување со последиците од Ковид-19. Колку вкупно финансиски средства беа наменети за земјава и за што беа искористени?
– Ковид -19 е несомнено една од најтрагичните здравствени, социјални и економски кризи со кои се соочи светот во последните две столетија. Набргу по почетокот на пандемијата, Светската банка одобри итен заем и се вклучи во финансирање во непредвидени ситуации за да спаси животи и обезбеди средства за егзистенција. Поддржавме критични инвестиции насочени кон зајакнување на одговорот и отпорноста на системот за јавно здравје, кофинансирајќи владина шема за субвенционирање на плати за околу 22.000 мали и средни претпријатија и 155.000 вработени во приватниот сектор. Вкупно, Светската банка обезбеди 143 милиони долари за справување со кризата.
Што е она што како држава треба да го сториме за да се приближиме до европскиот просек?
– Слично на другите земји во Западен Балкан, со просечна стапка на раст на БДП по глава на жител забележана помеѓу 2010 и 2023 година, растот со сегашните стапки нема да биде доволен за да се премости јазот со ЕУ во однос на БДП по глава на жител. Забрзувањето на конвергенцијата ќе бара амбициозни и одржливи реформски напори за подобрување на поврзаноста во контекст на зголемена регионална интеграција, поттикнување на иновациите, генерирање квалитетни вработувања, зголемување на продуктивноста, унапредување на дигитализацијата и зајакнување на фискалното управување. Овие напори се од суштинско значење за зголемување на потенцијалната стапка на раст на економијата и решително движење кон нивоата на приходи во ЕУ. Сепак, реформите бараат време за да генерираат долгорочни резултати. Како такви, тие треба да се одржуваат со текот на времето и низ политичките циклуси, со што ќе се избегнат чести промени на политиките.
Прогнозите на Светска банка за 2025 година се дека економскиот раст на земјава ќе биде 2,6 проценти што е најнизок од државите во Западен Балкан. На што ја темелите ваквата прогноза?
– Светската банка подготвува прогнози врз основа на историски стапки на раст, индикатори со висока фреквенција, трендови во ЕУ и очекувања за идните економски перспективи. Во текот на изминатата деценија, растот на Северна Македонија беше во просек понизок од оној на споредбените земји во регионот. Нашите пролетни проекции за раст на БДП за 2025 година беа 2,6 проценти, по изразената неизвесност во трговската политика во тоа време – ризик кој, иако сè уште не се материјализирал, може негативно да влијае на растот на среден рок. Сепак, оттогаш, основните услови за раст се чини дека се подобрија. Тоа значи дека, доколку сите фактори се еднакви и доколку не се случи друга криза во наредните месеци, можеме да очекуваме растот на БДП за 2025 година во просек да изнесува 2,8%-3%. Повеќе детали за тоа во нашите идни публикации.
На геополитички план постои несигурност што секако влијае врз економскиот раст и зголемување на инфлацијата. Во ваква ситуација на што треба да се фокусира земјава?
– Иако Северна Македонија не може да влијае на надворешни шокови како што се геополитичката фрагментација или текот на глобалните цени на стоките; таа може да се фокусира на зајакнување на домашните темели на економскиот раст. Посилните реформски напори, особено во зајакнувањето на управувањето со јавните финансии, човечкиот капитал, управувањето, енергетиката и дигитализацијата, кои се усогласени со обврските во рамките на процесот на пристапување во ЕУ, претставуваат темелна инвестиција во долгорочната патека на раст на земјата. Во услови на зголемена неизвесност, давањето приоритет на овие реформи ќе биде од суштинско значење за одржување на растот и градење на поотпорна и поконкурентна економија.
Трендот на одлив на работна сила не ја одминува ниту нашата држава. Просечната плата во земјава е една од најниските во регионот на Западен Балкан. Која е вашата препорака?
– Емиграцијата е насекаде сложен и разновиден феномен, поттикнат од комбинација на економски и институционални фактори, а Северна Македонија не е исклучок. Ограничениот пристап до квалитетни можности за работа, како и до квалитетна здравствена заштита и образование, како и загрижноста за корупцијата и слабите институции значително придонесуваат за одлуките за емиграција, што е потврдено од некои индикатори, како што е Балканскиот барометар. Интересно е што, иако постои широко распространето мислење дека платите во Северна Македонија заостануваат зад другите земји во регионот, податоците објавени од националните статистички институти откриваат нешто друго – во првиот квартал од 2025 година, просечната пријавена бруто месечна плата во Северна Македонија била 65.500 денари (приближно 1065 евра), во споредба со 840 евра во Албанија и 639 евра во Косово (за 2024 година, најнови достапни податоци), додека ние сме свесни и за големите плати во пликови кои не се пријавени и покрај ниското оданочување на личниот доход.
Одливот на работна сила влијае и врз стабилноста на пензискиот фонд. Потребни ли се реформи во овој дел?
– Всушност, се очекува миграцијата, заедно со стареењето на населението, значително да влијае на пензискиот систем во Северна Македонија. Од 2017 година, има близу 68.000 луѓе помалку во работната сила; бројот на луѓе кои работат или активно бараат работа е во континуиран пад. И овој тренд само ќе забрзува на долг рок – проекциите за населението објавени од Државниот завод за статистика покажуваат дека се очекува населението на работоспособна возраст (на возраст од 15-64 години) речиси да се преполови до 2070 година и да биде речиси на исто ниво со издржуваното население (на возраст под 15 и над 65 години). Се очекува и бројот на пензионери да го надмине бројот на вработени до 2053 година според Извештајот за јавни финансии на Светската банка за 2024 година. Трошоците за пензии веќе достигнаа 11,3 проценти од БДП во 2024 година, додека пензискиот фонд од првиот столб континуирано се бори со дефицит од 4 проценти од БДП. Пред неколку години, Северна Македонија спроведе една од најамбициозните пензиски реформи во регионот, но предизвиците поврзани со стареењето и миграцијата бараат темелно разгледување на алтернативите за да се зачува нивната одржливост со текот на времето. Гледајќи го искуството на другите земји кои се соочуваат со слични предизвици, опциите за реформи што Северна Македонија би можела да ги разгледа бараат широк консензус од засегнатите страни, а тие вклучуваат, меѓу другото, (i) индексирање на пензиите со инфлацијата за да се зачува куповната моќ на пензиите; (ii) постепено зголемување на пензиските придонеси, со истовремено зголемување на усогласеноста и намалување на сивата економија; (iii) постепено зголемување на возраста за пензионирање, со истовремено воведување програми на пазарот на трудот за надградба/преквалификација на постарите возрасни лица кои се способни и сакаат да работат; и алтернативни мерки за зголемување на приносите од инвестициите на пензиските фондови.
Земјава пристапи кон Единственото подрачје за плаќање во евра (СЕПА). Колку ова е тоа значајно?
– Се очекува интегрирањето на Северна Македонија во СЕПА и модернизацијата на платните системи да генерира значителни придобивки од економската и финансиската инклузија за македонските граѓани и фирми во земјата. Во моментов, испраќањето дознака од 200 евра во Северна Македонија чини околу 15 евра во просек, а со интеграцијата во СЕПА и усвојувањето на системот за брзо плаќање, трошокот би можел да падне на само 2 евра. Ова намалување би им заштедило на мигрантите и нивните семејства до 20 милиони евра годишно. Дополнително, финансиската инклузија останува релативно ниска во Северна Македонија, со само 74 проценти од возрасните кои користат дигитални плаќања, што е под нивото на регионално ниво и нивото на приходи. Интеграцијата во СЕПА би можела да помогне и во проширувањето на пристапот до финансиски услуги за околу 270.000 дополнителни лица, вклучувајќи 190.000 жени. Горди сме што можеме да им помогнеме на земјите во регионот со подготвеноста за СЕПА. Црна Гора веќе ја чувствува придобивката од тоа усогласување.
Го напуштате Скопје, кои се вашите идни планови и која е вашата следна дестинација?
– Се ближам кон крајот на пет важни години во оваа земја. Емотивно е да се замине по соработката со одлични колеги и партнери, вклучително наши соработници, како и колегите од тимот на Светска банка. Ќе понесам многу спомени од граѓани, државни службеници, претставници на граѓанското општество и млади, како и претприемачи решени да завртат нова страница кон развојот и да прифатат поодржлива, правична и продуктивна иднина за себе и за идните генерации. Заминувам со неизбришливи слики од земја со убавина што го одзема здивот каде што културата, традициите и начинот на живот што се спојуваат со креативност, иновација и храброст: тоа е она што е развој. Ова е Северна Македонија за мене.
Мојата следна дестинација е во Албанија, веднаш преку границата. Ќе работам како нов директор за земјата на Групацијата Светска банка, претставувајќи ги трите агенции на нашата Групација, имено IBRD, IFC и MIGA. Мојата главна цел е јасна и возбудлива во исто време: спојување на решенија ориентирани кон јавниот и приватниот сектор за да се помогне во исполнувањето на развојните приоритети на Албанија во контекст на процесот на пристапување во ЕУ. Како и Албанија, иднината на Северна Македонија е во ЕУ. Убеден сум дека Светската банка ќе продолжи да игра клучна улога во поддршката на двете земји кон членство во ЕУ.
Извор / Фото: МИА