Панчевски поднесе кривична пријава до членовите на Советот на обвинители

Во два одделни фејсбук статусти, кандидатот за државен јавен обвинител Владимир Панчевски, кој не доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, соопшти дека ќе им поднесе кривична пријава за злоупотреба на службена положба и напиша дека тие при очи сите ги направиле слепи.

Во два одделни фејсбук статусти, кандидатот за државен јавен обвинител Владимир Панчевски, кој не доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, соопшти дека ќе им поднесе кривична пријава за злоупотреба на службена положба и напиша дека тие при очи сите ги направиле слепи. Во прилог можете да ги прочитате целосно неговите статуси.

„Ви благодарам на сите за вашата несебична поддршка, со многу од вас се познавам лично низ годиниве, многу и не ве познавам, но ќе забележам сите вие сте добри, искрени и чесни луѓе, тоа најповеќе го видов овие две седмици преку ваши добронамерни пораки и јавно изразена поддршка. Ве имаше од сите национални групи, безрезервно пишувавте, коментиравте и споделувавте кој е вашиот избор, дека сте ме препознале како искрен и чесен и дека токму во мене ја имате вербата за враќање на довербата во правосудниот систем.

Знам, сите вие сакате правда и правна сигурност, премногу се напативме во оваа наша Македонија, но правда не добивме. Во Македонија владее селективна правда, како што е и одлуката на Советот на обвинители денес!

Заради вистината ќе споделам со вас дека Советот на јавни обвинители денес при очи сите не направи слепи, исто како што бевме убедувани дека сме слепи едно не така одамна мрачно време за референдумот на кој не сме гласале, а бил изгласан со мнозинство.

Народот не е глупав, не е ниту слеп, ниту неписмен, но е погазен, еве по којзнае кој пат. Селективната правда нема да престане, а процедурата ќе се истурка како “секое чудо за три дена”, за скоро ќе се избере нов Јавен обвинител и се ќе биде, како до сега! Криењето зад советот со вакво небулозно оправдување дека сум немал стаж е уште еден срам кој историјата ќе го запише.

Бидејки во голем број ми се јавивте да ме прашате што се случи и зошто сум дисквалификуван го споделувам уште еднаш чл.62 од Законот за јавно обвинителство.

Имено во ставот 1 алинеја 1 е предвиден посебниот законски услов за избор на ДЈО, кандидатот да има најмалку 10 години како судија од областа на кривичното право (што значи “стекнат стаж” од 10 години), а не како што толкува Советот да има 10 години стаж до моментот на пријавување. За споредба дека е така видете ја алинеја 3 каде за Виш обвинител се бара непрекинат стаж од 8 години, но до моментот на пријавување што значи “тековен активен стаж” на кандидатот, што е различна правна ситуација и различен услов за различна позиција.

Во оваа држава одредени групи и групации го толкуваат, употребуваат и комбинираат законот како им одговара и точно е не сме сите еднакви пред законот. Постојат тие и такви како во Советот и ние народот. Советот не смее да толкува, туку има обврска да применува закон! Собранието ги толкува законите. Но овде за жал предолго владее хаос и волунтаризам кај поединци во институциите.

Сега на потег е Владата, дали ваквото флагрантно кршење на законот ќе дозволи да им помине или ќе ја поништи оваа незаконска постапка?!

Уште еднаш ќе кажам се чувствувам пресреќен што живеам во држава каде имам сограѓани и сограѓанки како вас, за соседи, пријатели, поддржувачи вие правите на човек да му се радува срцето, но амбиентот и тоа што го добиваме како граѓани е под секое ниво. Ви благодарам неизмерно, Господ да е со сите нас поминавме многу и уште толку ќе поминеме и ќе се бориме за правда.

Нека биде овде запишано: “Мојата потрага по правда завршува денес овде со оваа неправда, повеќе нема поента!”

Да е благословена Македонија и сите вие!

Ова обраќање ви го должам единствено вам мои браќа и сестри, историјата ги запишува неправдите, еден ден виновниците ќе платат за сите неправди!“, напиша тој.

Во вториот статус, тој соопшти дека поднесува кривичнја пријава,

„ОВА ТРЕБА ДА НЕ ОСВЕСТИ СИТЕ ВО КАКВА МАКЕДОНИЈА ЖИВЕЕМЕ И КОИ ЛИЦА ОДЛУЧУВААТ ЗА НАШИТЕ СУДБИНИ!

Врз основа на чл.272 од Законот за Кривична постапка до МВР и Јавното обвинителство на РМ, по пат на допрен глас, јас Владимир Панчевски од Скопје, поднесувам,

КРИВИЧНА ПРИЈАВА

против:

1. Башким Бесими од Тетово, претседател на Советот на јавни обвинители

2. Марјана Илиеска од Прилеп, заменик претседател на Советот на јавни обвинители

3. Јелена Догазанска Колева од Скопје, член на Советот на јавни обвинители

4. Зорица Павловиќ од Скопје, член на Советот на јавни обвинители

5. Ермон Незири член на Советот на јавни обвинители

6. Кети Петкова член на Советот на јавни обвинители

7. Светлана Стојковиќ член на Советот на јавни обвинители

8. Душица Димитриеска член на Советот на јавни обвинители

9. Ардиан Демири член на Советот на јавни обвинители

10. Фатих Алиу член на Советот на јавни обвинители

За кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.1 вв со чл. 22 од Кривичниот законик

Затоа што:

На ден 17.02.2026 година пријавените како службени лица претседател, заменик и членови на Советот на јавни обвинители на седница на Советот на јавни обвинители во постапка по оглас Бр. 08-7375/1 од 29 декември 2025 година за “ОГЛАСУВАЊЕ НА ИМЕНУВАЊЕ НА JABEH ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА”, објавен во Сл.Весник на РСМ Бр.05/2026 од 12 jануари 2026 година со искористување на својата службена положба и со пречекорување на границите на своето службено овластување, постапиле спротивно на член 62 став 1 алинеја 1 од Законот за јавно обвинителство при разгледување на мојата пријава и утврдување на посебниот услов констатирале дека:

„Согласно законските одредби, кандидатот треба да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право. Во конкретниот случај, на кандидатот му престанала функцијата пред 13 години и во меѓувреме не бил ниту судија, ниту јавен обвинител. Оттука, тој стаж не може да се смета за непрекинат стаж од областа на кривичното право во смисла на законот – истакнала членот на Советот Маријана Илиеска. По што со оглед на наведеното, Советот заклучил дека кандидатот Владимир Панчевски не ги исполнува законските услови и не треба да биде ставен на листата на кандидати за кои ќе се гласа.”

Со што пријавените со умисла потешко го повредиле моето законско право предвидено во член 61 ст.1 алинеја 1 спротивно на потврда на Основен Кривичен суд Скопје 07. Су.бр.25/26-1 од 20.01.2026 година со која се потврдува дека сум бил во редовен работен однос на неопределено време во овој суд, на работно место – Судија од 08.02.2008 година до 28.07.2020 година и има вкупен непрекинат судиски стаж во ово суд од 12 години, 5 месеци и 20 дена. Со што ме дисквалификувале од понатамошна кандидатура – предлог од страна на Владата и евентуално гласање во Собранието на РСМ.

Исто така во Советот на јавни обвинители како заменик претседател учествувало лице Марјана Илиеска од Прилеп сопруга на лицето Орде Илиески осуден за организиран криминал со моја пресуда КОК бр.69/08 од 15.07.2010 година за кривично дело ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ од чл.279 од КЗ, во предметот Тутунски Комбинат Прилеп, (каде се конфискувани 4,5 милиони евра имот од осудените по основ на штета врз буџетот на државата), а пријавената Марјана Илиеска како службено лице обвинител и член на Советот на обвинители била должна да се изземе при гласањето како блиско лице под сомнеж за пристрасност и судир на интереси бидејки истата знаела и можела да знае дека при одлучувањето постои конфликт на интереси, но го премолчела овој факт.

Оваа кривична пријава е одраз на трулиот судско – обвинителски систем и предизвик Јавното обвинителство и МВР да отворат постапка по допрен глас и да расчистат со контаминираните кадри кои незаконски одлучуваат потешко повредувајки ги правата на граѓаните, носат селективна правда и го рушат угледот на судскиот систем.

Ги повикувам Владата и органите на прогонот да се охрабрат и веднаш да постапат по оваа пријава за директна злоупотреба од страна на пријавените.

Јавноста да го следи случајот! Од сите нас зависи!

Инаку за исто кривично дело јас бев обвинет и осуден од овој ист судско – обвинителски корумпиран систем на две и пол години ефективен затвор, но во таа постапка немаше лица на кои им беа повредени права, ме осудија за апстрактна повреда. Да видиме дали законот допира до овие за ваква конкретна потешка повреда на права спротивно на закон.

Подносител на кривичната пријава и оштетен

Владимир Панчевски, кандидат за Јавен обвинител

Прилог пресуда за сопругот на членот на инкриминираниот Совет на јавни обвинители.“, напиша тој.