Паника поради евакуација на град близу нуклеарката „Запорожје“

Русија предизвика паника со евакуирањето на град во близина на нуклеарна централа Запорожје, изјави украински официјални извори.

„Русија им кажа на жителите да напуштат 18 населби во регионот Запорожје, меѓу кои и Енерходар во близина на централата, пред очекуваната офанзива на Украина. Украинскиот градоначалник на Мелитопол, Иван Федоров, изјави дека имало петчасовно чекање бидејќи заминале илјадници автомобили“ се вели во соопштението.

ОН предупреди дека може да се случи „тешка нуклеарна несреќа“.

Рафаел Гроси, директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), рече дека ситуацијата во централата Запорожје „станува сè понепредвидлива и потенцијално опасна“.

Во соопштението на МААЕ се вели дека „додека оперативниот персонал останува на локацијата“, постои „длабока загриженост за сè понапнатите, стресни и предизвикувачки услови за персоналот и нивните семејства“. Се наведува дека експертите на МААЕ во централата „добиле информации оти започнала најавената евакуација на жителите од блискиот град Енерходар, каде што живее најголемиот дел од персоналот на централата“.

Во петокот, регионалниот шеф Евгениј Балицки, инсталиран од Русија, рече дека „во изминатите неколку дена, непријателот го засили гранатирањето на населбите блиску до линијата на фронтот“.

„Затоа донесов одлука да ги евакуирам пред се децата и родителите, постарите лица, инвалидите и болничките пациенти“, објави тој на социјалните мрежи.

МААЕ претходно издаде предупредувања за безбедноста во централата, која Русија ја зазеде во првите денови од инвазија минатата година, откако гранатирањето предизвика привремени прекини на струја. Во март, МААЕ предупреди дека централата работи на дизел генератори за да ги одржува виталните системи за ладење, по оштетувањето на далноводите. Откако Русија ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022, бројот на персоналот во централата се намали, вели МААЕ, „но управата на локацијата изјави дека тој доволен за безбедно функционирање на централата“.

Руските сили окупираат голем дел од регионот Запорожје, но не и регионалниот главен град Запорожје, кој се наоѓа североисточно од Енерходар преку акумулацијата на Днепар.